Skip to main content
x

26 Oct 2020 - 18:25
sportmedia
Статија

По 28 години Васил Тупурковски во среда заминува од престолот на Македонскиот Олимписки Комитет (МОК). Популарниот Циле не може да го издржи последниот “спортски” налет за негово разрешување од престолот на оваа ценета институција.

Тупурковски не беше „цвеќе за мирисање“, МОК беше далеку од она што требаше и треба да биде. Само една натурализирана олимписка бронза е премалку за земја како Македонија. Има многу причини за смена но ете она што сега боде во очи е моментот, кандидатите за негов наследник и “транспарентоста” на која се тоа се случува.

Даниел Димевски или Александра Војнеска!? Тешко на оваа држава на овој спорт кога за кандидати имаме два профили кои се далеку од она што треба да го има еден прв човек на МОК.

Даниел Димевски е познат на спортската јавност како прв човек на кошарката во Македонија. Да, беше постигнат најголемо успех, но на федерација која во тоа време функционираше како приватна фирма, како ДООЕЛ и време во кое се “штанцаа” пасоши од Македонија за десетици и десетици непознати кошаркари од САД. Човек кој до вчера беше советник за спорт на премиерот Зоран Заев и функционер, кој ама баш со ништо не допринесе за развојот на спортот во земјава во период од три години додека “советуваше”.

Неговото име “блесна” пред неколку месеци кога анткорупциска обелодени скандал со земјиштето кај СЦ “Кале”, и матните игри во кои се спомена и името на Димевски.

Неговиот најдобар совет до Заев сигурно бил дека тој е идеалниот за местото во МОК. Спорт и политика, тоа било и ќе биде во оваа наша држава.

Не дека сето тоа почна сега од Даниел Димевски, еве денеска по социјалните мрежи ја запознавме и Александра Војнеска која имаше средба со Артан Груби. Војнеска ги има симпатиите кај спортистите затоа што доаѓа од мала федерација како атлетиката но денешниот потег беше лош. Во стилот ако може Димевски со Заев можам јас со Груби.

И така политика и политика. Не видовме ниту едниот, а ниту другиот кандидат да се фотографира со некој наш легендарен спортист, носител на олимписки медал… Едниот се фали дека има поддршка, потписи… другиот напаѓа како аутсајдер, но со силни адути и луѓе од актуелната власт, кои беа во Агенцијата за Спорт и Млади и кои не можат да се помират со судбината дека Даниел Димевски ќе седне на престолот во МОК, а тие мора да се задоволат со пратеничко место.

Најавите за сончеви денови во спортот се само на хартија. Попладнево со свој став се огласи и Зоран Гапиќ, долгогодишниот секретар на МОК кој јасно кажа дека и двајцата кандидати немаат искуство кое е потребно за лидерското место на најмоќната спортска институција во земјава.

Ако се чекаше 28 години може и да се чека уште некој месец. Да има јавен конкурс за да може и оние на кои им доликува а влезат во трката за МОК. Моќни и докажани бизнисмени и луѓе кои му помагаат на спортот со децении или некој врвен спортист. Луѓе или личности кои даваат а не кои земаат од спортот!

Процесот за избор на нов претседател на МОК е чуден, таен, ненадеен… Тупурковски најави дека сам ќе си оди по ОИ во Токио. Но, ете некому му се брза и сега гледа прилика за лов во матно.

Не се бира претседател на куќен совет! Се бира претседател на МОК! Тоа треба да биде јавен, транспарентен и спортски чин, а не операција зад “затворени врати”, со веќе собрани потписи! Намерата е очигледна, но има ли кој да ја сопре целата оваа тајна операција.

Кој сега да деде совет за советникот!?

sportmedia.mk

Најчитани вести