Од еколошката организација „Екосвест“ ги обвинуваат градските власти дека се обидуваат да усвојат важни плански документи за градот без консултации со жителите на Скопје.

„Сакаме да посочиме дека преку медиумите дознаваме дека на седницата на Советот на Град Скопје закажана за утре, 27.10.2020, во 11:00 часот на прва точка на дневниот ред е донесување на Зелен акциски план за Град Скопје. Иако овој план треба да ја подобри состојбата со животната средина во градот и како таков ги засега сите негови жители, досега немало никакви јавни консултации ниту соодветно информирање за процесот“, велат од „Екосвест“.

„Според член 65 од Законот за животна средина, сите плански документи во оваа држава подлежат и на Стратегиска оцена за влијание врз животната средина, документкој не е приложен како дел од документацијата заедно со Зелениот акциски план за Град Скопје. Не знаеме ниту дали Министерството за животна средина и просторно планирање како надлежен орган било консултирано и учествувало во изготвувањето на планот.

Ваквиот однос на локалните власти е сосема спротивен на заложбите на Владата која се стреми да обезбеди транспарентност во носењето на политиките од јавен интерес во насока на приближување на нашата земја кон ЕУ.

Уште во јули 2019 година „Екосвест“ реагираше дека документот се работи без консултација и информирање на јавноста, што е обврска на институциите и локалните власти, но сега гледаме дека сме ставени пред свршен чин без никакво информирање на оние најзасегнати од планот – граѓаните“, велат од невладината организација.

Oд таму објаснуваат дека Град Скопје се финансира од националниот буџет и постои за да им го подобри животот на жителите, а притоа мора да соработува со граѓаните за да ги согледа нивните потреби.

„Сметаме дека игнорирањето и избегнувањето на јавното мислење се непотребни и недозволиви, особено бидејќи Градот не би требало да стравува од критика кога се работи за ваков позитивен документ. Сепак, транспарентноста и учеството на јавноста мора да се приоритет. Затоа бараме Зелениот акциски план да биде соодветно објавен, ставен на располагање на граѓаните во тек на 30 дена и за него да се организира јавна расправа пред неговото усвојување. Воедно, бараме Градот да поднесе барање за мислење од Министерството за животна средина за потребата од спроведување постапка за стратегиска оцена за влијание врз животната средина. Истовремено ги повикуваме советниците да го побараат истото на утрешната седница“, велат во реакцијата од „Екосвест“.

извор: Makfax

Најчитани вести