Белоруските демонстранти утринава формираа „синџири на солидарност“ во повеќе делови на белоруската престолнина како поддршка на „ултиматумот на народот“ поставен од опозицијата, пренесува ТАСС.

Лекари од кардиолошкиот истражувачки центар „Кардиологија“, многумина со црвено-бели знамиња и амблеми, се наредија на улицата „Грушевка“. Сличен протест е во тек на улицата „Мајаковски“ во близина на метро-станицата „Михалово“.

Сведоците пријавиле апсења на улицата „Первомајскаја“. Во некои делови на градот демонстрантите блокираа патишта, но веднаш беа испратени патроли на автопатите за да се врати сообраќајот во нормала. Група од 100 студенти на белорускиот државен универзитет одржуваат протест со седење во главната зграда на универзитетот.

Ултиматумот на поранешната претседателска кандидатка Светлана Тихановскаја до претседателот Александар Лукашенко истече вчера. Опозицијата повика на протести на индустриските претпријатија почнувајќи од денеска.

Белоруската полиција вчера употреби шок-бомби за да ги растера демонстрантите кои се упатија кон резиденцијата на претседателот Александар Лукашенко во Минск откако илјадници антивладини демонстранти мирно маршираа низ улиците на градот.

За време на огромниот антивладин митинг учесниците наидоа на повеќе полициски кордони и беа принудени да ги заобиколат. Една таква средба се покажа како особено жестокс бидејќи полицајците користеа груби мерки за растерување на толпата.

Во медиумите се појавија тврдења за употреба на гумени куршуми против демонстрантите, додека локалната полиција соопшти дека ги проверува извештаите за пукање со огнено оружје за време на судирите.

Снимките кои кружат на интернет покажуваат неколку експлозии на шок-бомби на сред улица и демонстранти како бегаат од полицајци и влегуваат во станбена област.

По конфронтацијата, наводно биле приведени повеќе демонстранти. Мерките за контрола на немирите беа употребени откако демонстрантите се собраа во близина на седиштето на регионалната полиција, изјавија властите од Минск за РИА Новости.

Околу 120 лица беа приведени за време на масовните протести во неделата во Минск, соопшти полицијата, додавајќи дека двајца полицајци биле повредени во судирите.

извор: Makfax

Најчитани вести