Азербејџанското Министерство за одбрана ги обвини ерменските вооружени сили за кршење на примирјето во Нагорно Карабах што стапи на сила утринава во 08:00 часот по локално време, пренесува ТАСС.

Вчера вечерта, двете држави договорија нов хуманитарен прекин на огнот во Нагорно Карабах со посредство на САД. Азербејџан денеска соопшти дека ерменските сили продолжиле со напади врз азербејџанските населби и воени единици и покрај новиот хуманитарен прекин на огнот.

„И покрај најавата за нов хуманитарен прекин на огнот во 08:00 часот на 26 октомври, ерменските вооружени сили уште еднаш грубо го прекршија постигнатиот договор. Селата на регионот Агдам, како и градот Тартар и неговите околни села, се цел на тешки гранатирања. Позициите на азербејџанските единици во Тартар, Агдам, Фузули, Лачин и Губадли исто така беа нападнати“, соопшти Министерството.

Во исто време, Министерството подвлече дека Азербејџан строго се придржува до условите за прекин на огнот.

И азербејџанскиот претседател, Илхам Алијев, денеска посочи дека Ерменија го прекршила прекинот на огнот само неколку минути откако тој стапил на сила, пренесува „Анадолија“. Алијев нагласи дека оние што сакаат хуманитарен прекин на огнот меѓу Ерменија и Азербејџан испраќаат оружје во Ерменија.

„Ја имам листата. Зошто некој кој би сакал прекин на огнот би испраќал оружје?“, запраша тој.

Осврнувајќи се на оние што ја поддржуваат Ерменија, Алијев изјави: „Ако сакате да ја спасите ерменската држава, кажете им да ги напуштат нашите територии. Тие ќе излезат со вашиот збор.“

Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември, со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Областа доживеа разгорување на насилството летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули. Азербејџан и Ерменија воведоа воена состојба и започнаа со мобилизација. Двете страни во конфликтот пријавија жртви, меѓу нив и цивили.

Како резултат на консултациите иницирани од Русија во Москва, Баку и Ереван се согласија да прекинат со огнот на 10 октомври за хуманитарни цели за размена на воените затвореници и мртвите. Сепак, примирјето подоцна беше прекршено.

Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан околу планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но мнозински населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година откако автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската социјалистичка република Азербејџан.

Во 1992-1994 година, тензиите зовриваа и експлодираа во големи воени акции за контрола над енклавата и седумте соседни територии откако Азербејџан ја изгуби контролата над нив. Разговорите за решението за Нагорно Карабах траат од 1992 година под Групата Минск на ОБСЕ, предводена од тројцата копретседатели – Русија, Франција и САД.

извор: Makfax

Најчитани вести