Кандидатот за претседател на САД од Демократската партија, Џо Бајден, смета дека Русија претставува најголема закана за САД на меѓународната сцена.

„Па, мислам дека најголемата закана за Америка во моментов во смисла на разнишување на нашата безбедност и на нашите сојузи е Русија. Второ, мислам дека најголем конкурент е Кина “, кажа Бајден во интервју за Си-би-ес.

Тој нагласи и дека политиките на актуелниот претседател Доналд Трамп, исто така, претставуваат значителна опасност за САД на глобално ниво.

„Погледнете што прави Трамп. Тој го прегрнува секој диктатор и им брцка со прстот во окото на сите наши пријатели“, забележа Бајден.

Според него, ваквиот пристап на Трамп довел до зголемен ракетен арсенал во Северна Кореја.

„Имаме сојузници во НАТО што се оддалечуваат од нас затоа што велат дека не можат да сметаат на нас“, заклучи Бајден.

Изборите во САД се закажани за 3 ноември. На национално ниво, американските граѓани ќе излезат на гласачките места за да изберат 435 претставници во Претставничкиот дом, 35 ​​од 100 сенатори во Сенатот и претседателот и потпретседател на САД.

Актуелниот републикански претседател Доналд Трамп и демократот Бајден се борат за највисоката функција во земјата. Покрај тоа, гласачите ќе се упатат кон гласачките кутии за да одлучат за 13 државни и територијални гувернери на САД, а ќе се одржат и бројни други локални избори.

Бајден смета дека Москва можела да организира кампања за дезинформација против него во пресрет на претседателските избори на 3 ноември. На прашањето дали истекувањето на информациите од лаптопот на неговиот син Хантер е поврзано со обиди за ширење дезинформации кои ѝ се припишуваат на Русија, тој рече:

„Од она што го прочитав и што го знам, разузнавачката заедница го предупреди претседателот дека Руди Џулијани добива дезинформации од Русите. И ние исто така знаеме дека Путин многу се труди да шири дезинформации за Џо Бајден”, тврди тој.

Во средината на октомври, „Њујорк пост“ објави приватни пораки добиени од лаптопот на Хантер Бајден. Размената на пораки покажува дека синот на Џо Бајден можеби закажал состанок помеѓу неговиот татко, кога тој бил потпретседател и претставник на украинската енергетска компанија „Буризма холдингс“. Хантер Бајден тогаш беше во бордот на директори на „Буризма“. Потоа, Џо Бајден ургирал да биде отпуштен украинскиот државен јавен обвинител Виктор Шокин, кој започна истрага за „Буризма“. Откритијата им дадоа причина на републиканците да ги обвинат Бајден и неговиот син за корупција.

На 19 октомври, директорот на американското национално разузнавање, Џон Ратклиф, изјави дека американската разузнавачка заедница нема причина да верува дека скандалот околу пораките и електронската пошта на Хантер Бајден е дел од дезинформациската кампања, наводно почната од Русија. Претставници на Стејт департментот, ФБИ, Министерството за правда и самиот Трамп изразија слични мислења.

Прашањето за потенцијално мешање во изборите во САД редовно се поставува во контекст на тврдењата на американските власти дека Русија е вклучена во такви активности.

Москва повеќепати ги негираше овие обвинувања. Во февруари, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва жали што се повеќе и повеќе тврдења од овој вид ќе се појават во САД кога ќе се одржат изборите. Според Песков, овие измислици немаат никаква врска со реалноста.

извор: Makfax

Најчитани вести