Премиерот Андреј Пленковиќ се тестираше за присуство на коронавирус во неделата и тестот беше негативен, потврди портпаролот на хрватската Влада, Марко Милиќ.

Премиерот се тестираше откако во саботата се одржа состанок во Владата, на кој присуствуваше и министерката за туризам и спорт, Николина Брњац на која вчера и беше дијагностициран коронавирус.

„Во согласност со препораките на епидемиолозите, премиерот Андреј Пленковиќ вчера изврши тест за присуство на коронавирус.Наодот е негативен”, објави владиниот портпарол Марко Милиќ.

Во саботата, Владата одржа состанок за подготовка на Националната стратегија за развој на Република Хрватска до 2030 година и Националниот план за обновување и издржливост, како и за борбата против Ковид-19, а учествуваше и министерката Брњац.

Брњац одлучи да се тестира во недела откако ги почувствувала симптомите на болеста. Таа е во добра здравствена состојба со лесна клиничка слика, изјави владиниот портпарол.

Самоизолација им беше изречена на министерот за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика Јосип Аладровиќ и министерот за економија и одржлив развој Томислав Чориќ, коишто седеа покрај министерката Брњац. На другите присутни им беше дадена мерка за пасивен надзор и препорака за засилен здравствен надзор, со задолжително тестирање на коронавирус.

извор: Makfax

Најчитани вести