Во Гевгелија по компликации од коронавирус, почина познатиот музичар, пејач Васил Ангов. Тој е трета жртва од Ковид-19 во Гевгелија.

За „Фокус” доктор Саше Олумчев од ЦЈЗ Гевгелија, појаснува дека Васил починал во приватна клиника во Скопје, а пред тоа се лекувал дома. Откако неговата состојба се влошила, бил хоспитализиран. 

-Васил ја изгуби битката со лошиот вирус во приватната клиника „Филип Втори” каде беше префрлен од Инфективна, по желба на семејството.

Поради симптоми на вирусот, тој го направи првиот тест, а негативниот резултат пристигна на деветти октомври. Потоа имаше уште едно тестирање, резултатот повторно беше негативен. Дури третиот тест, покажа дека е позитивен на вирусот – вели докторот.

Додава дека музичарот имал хронична асма, а состојбата преку ноќ му се влошила.

-Се уште ги немаме официјално сите детали околу настанот, но ситуацијата е доста сериозна. Покрај Васил, уште две лица од Гевгелија синоќа ја изгубија битката со корона вирусот, и сите се отприлика на негова возраст. Лошо е, мора да се почитуваат мерките за заштита максимално. Поради некои кои грубо ги кршат мерките и не веруваат во вирусот, еве се случува луѓе кои се чувале, да заминат преку ноќ.

Васил Ангов во 1995 година настапи на фестивалот „Макфест“ каде ја отпеа легендарната „Премногу ти верував“, по која и стана препознатлив Ангов зад себе остави неколку песни „Оди адио“, „Магични зборови“, „Твојот дневник“.

Ангов настапи на Скопскиот фестивал, а препознатлив беше и со неговите настапи во Гевгелија и беше омилен кај публиката заедно со неговиот син Димитар.

Неговиот син Андон, доцна синоќа на фејсбук ја објави веста за смртта на познатиот музичар.

 

Најчитани вести