Австрискиот историчар Улф Брунбауер смета дека Бугарија претерува со условувањето на евроинтеграцијата на Македонија и изрази разбирање за македонската реакција, пренесува Експрес.мк

„Реакцијата е разбирлива, зошто во последните години Република Северна Македонија мораше да направи многу болен компромис за своето име за Грција да го отклучи нејзиниот пат кон НАТО и кон Европската унија. И сега се појавуваат овие барања од Бугарија, кои се навистина многу чудни. Она што го сака бугарската Влада е многу нејасно и чудно и всушност нема ништо заедничко со преговорите за пристапување во ЕУ. Ниту една точка од тој меморандум не е критериум за членство во ЕУ“, категоричен е директор на Институтот за источни и југоисточни студии на Универзитетот Регензбург од Германија во интервју за Бугарското национално радио (БНР).

„Бугарија се обидува да измисли спор. Во суштина, нема ништо што може да се дефинира како спорно меѓу двете земји. Во овој случај станува збор за различни сфаќања и толкувања на историјата. Но, тоа и онака не е работа на владите, туку на историчарите. Од бугарскиот меморандум излегува духот на комунистичката историографија од годините кога се сметаше дека државата, владата, може да каже како да се пишува историјата. И во Бугарија и во Република Северна Македонија и на други места во светот историчарите треба да бидат слободни да ја пишуваат историјата како што сметаат дека е правилно. Инаку, ЕУ навистина не сака да се воведат билатерални конфликти, особено поради лошото искуство. Дозволете ми да го споменам конфликтот меѓу Словенија и Хрватска околу морската граница. Или уште поголемиот и сè уште нерешен конфликт на поделениот Кипар“, објаснува Брунбауер.

Тој смета дека не била добра идејата за формирање Мешовита комисија за историски и обраовни порашања.

„Не, тоа беше лоша идеја. Затоа што навистина нема проблем за да го решава оваа комисија. Имаше такви комисии на друго место, кога требаше да се реши прашање од рангот на геноцид или на етничко чистење. Во случајот со Бугарија и Република Северна Македонија нема ништо такво. Овде навистина станува збор само за опсесијата на бугарските патриоти, кои тврдат дека Македонците се Бугари. Некој може да го тврди ова, но ова мислење не може да биде предмет на работа на комисија од историчари.

Оваа историска комисија ја политизира историографијата. Во меморандумот пишува дека исгторијата е заедничка. И ова е во спротивност со современото научно разбирање на историјата. Наместо тоа, можеме да зборуваме за споделена историја. Но, дури и тоа не е толку важно. Кога ваквите референтни точки се формулирани во владин документ, тоа ја политизира комисијата. Членовите на комисијата – историчари, научници, не можат да се дистанцираат од таков текст. Тие се чувствуваат како претставници на одредена национална позиција. И, ова не е претпоставка за добра соработка за непостоечки проблем“, додава историчарот.

„Што е проблемот?! Во Бугарија има многу луѓе, вклучувајчи и научници, кои сметаат дека православните луѓе кои живеат во денешна Република Северна Македонија, кои зборуваат на словенски јазик, се всушност Бугари. Од чисто научна гледна точка, можеме и да не се согласиме со оваа изјава. Република Северна Македонија исто така не се согласува. И нема ништо лошо во тоа. Едноставно, има две мислења за ова прашање, можеби и двете не одговараат на вистината, можеби и двете се базираат на идеологија. Но, мислам дека нема потреба од билатерална комисија да разговара за овие мислења. И сигурно ништо нема да произлезе од оваа комисија, бидејќи политичарите се обидуваат да ја инструментализираат нејзината работа“, уверен е Брунбауер.

Тој не би го споредувал натегањето меѓу Бугарија и Македонија со некои други конфликти произлезени од поранешни војни.

„Ако се споредиме со другите делови на Европа, не би рекол – последната војна меѓу Германија и Франција исто така не е одамна. Покрај тоа, овој конфликт беше многу понасилен од кој било спор меѓу Бугарија и Македонија. Навистина мислам дека во случајов се прави од мува слон“, вели Австриецот.

„Најдобро би било ако Софија и Скопје ги остават добрите историчари, какви што ги има и во двете земји, да си ја завршат својата работа. Владите не треба да се занимаваат со историја. Не е работа на државата да каже како да се чита сопствената историја, а уште помалку да го бара тоа од странска држава. И, ако политичарите ја вложат својата енергија во заеднички проекти, како што е изградба на железничка линија меѓу Скопје и Софија, тие ќе бидат многу покорисни за луѓето отколку со овој апсурден историски спор.

Надворешнополитички за Бугарија нема да биде многу разумно да ја форсира оваа тема. И мислам дека бугарската влада сфаќа дека овој пат нема да ја одведе никаде. Репутацијата на Бугарија во ЕУ е доведена во прашање“, смета Брунбауер.

Најчитани вести