Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски, во интервју за „360 степени“, зборуваше за актуелните случувања на релација Софија-Скопје и спорењето на македонскиот јазик.

„Јас мислев дека со договорите го затворивме ова прашање. Меѓутоа со резолуцијата на бугарскиот парламент и со меморандумот се отиде со една комплетна негација на јазикот. Сметам дека тоа беше малку менување на правилата на игра на сред натпревар, затоа што сметаме дека тој проблем е затворен. И со тој договор се потпишани десетици договори меѓу двете држави и никогаш претходно Бугарија не правела проблем ниту на меѓународен план и сега одеднаш го отворија тоа прашање, не знам од кои причини“, вели Георгиевски.

Георгиевски вели дека резолуцијата ни направи проблем, но проблем гледа и кај македонската власт.

„Имам чувство дека нашата дипломатија тој период го преспа. Таа декларација се дискутираше барем 10-15 дена во Бугарија. Прво почнаа партиите па отиде на влада. Мислам дека МНР го преспа тој период. Заслужуваше итна посета, да им се укаже дека ова не смее да помине во парламентот, дека е сериозно нарушување на договореното и реално кога ќе погледнете чисто правно-формално, меѓутоа и суштински, резолуцијата и меморандумот отстапуваат од Договорот за пријателство и од Договорот за соработка“, вели Георгиевски.

Најчитани вести