Резолуцијата на Европскиот парламент не е безопасна и во  одреден момент ќе се искористи против Бугарија, оцени поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев. Според него, за да се реши некој проблем, мора да се посочи.

-Европскиот парламент е наш партнер. Не можеме да кажеме дека во Бугарија нема проблеми и дека ЕП греши. Проблемот е во тоа што оваа резолуција на ЕП отиде над тоа. Таа беше чин на спротивставување на Бугарите со Бугарите. Тоа беше битка за  политичка власт која отиде дотаму што не се грижевме дали ќе извршиме национално предавство  ако се покаже дека тука има македонско малцинство, а тоа е предавство. Никогаш немало Македонци во Бугарија, рече Плевнелиев.

Наспроти неговите ставови, Советот на Европа излезе со извештај во кој една од препораките е  истрага на наводите за дискриминација на граѓаните по етничка основа и унапредување на образованието на јазиците на малцинствата. Меѓу дополнителните препораки се почитувањето на правото на самоопределување при претстојниот нов попис во земјата, правна сигурност при регистрација на малцинските организации и  проценката на потребата од употреба на јазиците на малцинствата во односите со администрацијата во областите што обично се населуваат национални малцинства, стандарди што веќе ги има во Македонија, а Бугарија со децении одбива да ги применува.

Советот на Европа исто така препорачува официјалните географски имиња на јазиците на малцинствата да не се менуваат и неодамна променетите имиња да бидат вратени,  како официјални барем заедно со новите бугарски имиња. Предложено е да се обезбедат соодветни информации и на децата за придонесот на националните малцинства во бугарското општество. (Н.В.)

Најчитани вести