Владата доставила барање до Општина Центар од новиот детален урбанистички план „Мал ринг“ да се избришат маркичките на Порта Македонија и споменикот на Мајка Тереза. Работната група за справување со проектот „Скопје 2014“ која беше формирана од Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 година, за овие два објекти кажа дека се дивоградби и при нивната изградба прекршени се низа закони.

Од Општина Центар за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека за време на јавната анкета за Деталниот урбанистички план добиле барање и од Владата да се избришат овие два објекти. Сега чекаaт одговор од Министерството за култура под чија надлежност се овие објекти, дали се согласуваат и тие со ова барање, по што ќе може да бидат тргнати од планот.

Ваквото барање на Владата е спротивно на претходната одлука, со која побара од Министерството за култура споменикот на Мајка Тереза да се пренамени. На ваквата владина одлука реагираа Асоцијацијата на архитекти на Македонија, Работната група за справување со проектот „Скопје 2014“, како и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и бараат тој веднаш да се урне.

Од Работната група исто така доставија барања до Општина Центар за уривање не само на овие два споменици туку и за бришење на т.н. „Шпански скали“ , а спомениците од Плоштад Македонија да се дислоцираат.

„Наодите до кои е дојдена Работната група, покажуваат дека во сите случаи се работи за тешко прекршување практично на сите позитивни закони што ја уредуваат материјата на подигање на споменици, законите за буџет и јавни набавки, како и законите за просторно и урбанистичко планирање и градење. Во Предлог-детален урбанистички план Градска четврт Ц 01 – Мал Ринг 1, Општина Центар – Скопје, плански период 2019-2024, не постои ниту трага од спомениците, дури ниту во геодетската подлога врз којашто графичките прилози на планот се вцртани, поради што во планот не постојат ниту плански одредби и мерки за решавање на проблемот на незаконските споменици и други градби од т. н. проект ‘Скопје 2014’. Од друга страна, со невцртувањето на постојни градби и споменици во предлог-планот тој станува спротивен на законот, како да е правен на неажурирана геодетска подлога“, изјави од Работната група за справување со проектот „Скопје 2014“ по јавната презентација на планот „Мал ринг“, објави СДК.МК.

Најчитани вести