Песните во кои се споменуваат имиња ниту се реткост ниту нешто ново, и речиси да нема име за кое не е напишана композиција или не се споменува барем во некој стих, но дали некогаш сте се запрашале кои се најопеаните македонски машки имиња во фолк музиката?! 

И да, некои се опеани без посебна причина, други во знак на благодарност, а трети затоа што или оставиле некаков историски белег или едноставно самите (сопствениците) побарале нивните имиња да останат запишани во музичката историја заради желба, хир или некое свое, според нив, добро дело.

Така, на пример името Стојан - кое дефинитивно е рекордер во домашната музика, го има во песната на Маријана Мишева „Абре газда Стојане“, посветена на стар охридски угостител, чија кафеана и денес важи за една од најлегендарните. За Стојан своевремено пееше и Смиља Митревска во одличната „Моминска клетва“, тука е и „Стојане сто те убиле“ во изведба на Сузана Спасовска, потоа народната „Болен лежи млад Стојан“... Уште една народна за Стојан е насловена „Стојану гости дојдоа“ во една прилика отпеана и од Наум Петрески... За Стојче, пак, запеа и легендарниот Војо Стојаноски, кој ја сними песната „Капе Стојче“ посветена на војводата кој се сретнал со шејтан Зафир...

За името Стојан: Името е со словенско потекло, а значи да стои, да биде жив. Соодветсвува со грчкото име Евстатиј. Во некои краишта постои обичај за именден да се слави свети Архангел Михаил со кого се поврзува бидејќи тој го запрел падот на небесните сили со својот повик „Вонмем, да стоиме добро“.

 

Аце, Александар е уште едно машко име кое го има во многу песни. Па така, без хитот на Татјана Лазаревска насловен „Аце, Аце“ нема ниту една веселба, прослава... Темата буквално остави печат во кариерата на Лазаревска. Своевремено и Маријана Мишева отпеа тема во која се споменува Александар, а е насловена „Моминска солза“... Во аналите запишана е и темата со наслов „Песна за кралот Александар“ во изведба на Војо Стојановски... 

 

За името Александар: Името е со грчко потекло, а значи бранител, заштитник. 

Илија, Иле се споменува во „Пусти ти биле меаните Иле“ во изведба на Смиља Митревска, тука, секако, е и народната „Градел Илија манастир“ отпеана од многу домашни имиња. На листата не можат да се изостават ниту хитот на Благица Павловска насловен како „Илија море делија“, ниту оној „Иле, Иле, Илија“ на Атина Апостолова...

За името Илија: Името е со еврејско потекло и значи бог.

 

Списокот на опеани имиња, секако, не завршува тука, а меѓу машките имиња за кои се напишани стихови уште се наоѓаат и Џаро, Дејан, Јован, Никола, Марко, Кољо, Димитрија, Ѓорѓи, Дамјан...

 

Најчитани вести