ДУИ не се откажува од најавената мерка дека ќе се субвенционираат вработувања во приватниот сектор по етнички клуч, бидејќи, како што велат платата не прави разлика меѓу различните заедници, туку еднаквост меѓу нив.

Пратеничката Арта Биљали Зендели вели дека реализацијата на мерката е нивна обврска кон албанските гласачи.

„Ние како пратеници Албанци кои сме ги добиле гласовите од Албанците, имаме обврска да се грижиме токму за Албанците“, рече Биљали.

Од друга страна вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вчера испрати јасна порака дека јавните пари не можат да се делат врз етничка основа.

„Секој граѓанин е еднаков и добива еднакви можности и еднаков третман. Мислам дека е неблагодарно државните пари да ги делиме врз етничка основа. Јас ќе одговорам со потпрашање: Дали за едно болно дете ќе треба да прашате дали е Албанец, Турчин или Македонец и така да ги даваме парите? Ако одговорот е ДА, тогаш заедно да го креираме тој модел. Мислам дека во едно праведно општество треба да заборавиме на тоа“, рече Битиќи.

Дали оваа мерка ја разниша коалицијата СДСМ-ДУИ? Пратеничката Арта Биљали со одговор.

„Мислам дека да го наречеме противење е малку тешко во оваа фаза. Дали е противење или не, треба да помине уште некое време. Затоа не би рекла дека е противење или несогласување во правец на унапредување на правата на граѓаните согласно мотото “Општество за сите“. Мислам дека нема судир и евентуалните разлики ќе се надминат.“, вели Биљали.

Дека мерката обезбедува еднаквост а не разлики и дека нема да важи само за Албаците туку за сите заедници, пред неколку дена уверуваше и лидерот на партијата од која доаѓа и Битиќи, премиерот Заев. Инаку, освен субвенционирање на вработувањата, првиот вицепремиер Артан Груби вметна во игра и можност за фаворизирање на компаниите во ЈО или подготвување закон, иако како што рече, не треба да се интервенира на слободниот пазар.

Најчитани вести