Во Белград и денеска има непрегледни редови и турканици на граѓани кои чекаат за ПЦР тестирање пред Институтот за вакцини и серуми „Торлак“.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, најупорните граѓани пристигнуваат да ги заземат своите места уште во четири часот и 30 минути, за да бидат меѓу првите во осум часот, кога се отвораат вратите на лабораторијата, за да направат ПЦР тест.

Покај граѓани од цела Србија кои патуваат во странство за што им е потребен овој тест, има и државјани од Северна Македонија и од Република Српска, затоа што во „Торлак“ тестирањето за новиот коронавирус не се закажува, а резултатите се добиваат истиот ден.

Од Градскиот институт за јавно здравје пред два дена најавија дека до 20 август повеќе немаат слободни термини за ПЦР тестирања на лично барање, а закажувањето ќе започне повторно на 18 август.

Тестирањето за српските граѓани чини 6.000 динари (52 евра), а за странците 120 евра.

Во Србија како резултат на последиците од Ковид-19 официјално починале 641 лице. Од почетокот на епидемијата регистрирани се вкупно 28.099 случаи на заболени. На респираторите се наоѓаат 106 пациенти.

Најчитани вести