Македонското меѓународно движење за човекови права ја осудува одлуката на бугарскот суд кој ја избриша и забрани регистрација на Македонското граѓанското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права. Нивната реакција е во продолжение: 

- Ако можеше да се верува на зборот на ЕУ, ќе беше шокантно дека една земја членка на ЕУ им ги негира основните човекови права на своите граѓани. Еден од условите за членство во ЕУ, наводно, е почитувањето на човековите права. Но, откако Бугарија влезе во ЕУ се покажа дека земјите - членки можат да ги кршат човековите права кога и како сакаат, објави македонското меѓународно движење за човекови права, откако Бугарија по интервенцијата на државното обвинителство, судот ја избриша и забрани регистрација на Македонското граѓанското здружение за заштита на основните индивидуални човекови права.

Вчера бугарскиот суд во градот Благоевград (оригиналното македонско име на градот е Горна Џумаја) пресуди дека невладината организација наречена „Граѓанско здружение за заштита на основните индивидуални човекови права“ дејствува во спротивност на бугарскиот Устав и го забрани. Главната причина за ова е што невладината организација ги брани правата на етничките Македонци, а Бугарија го негира дури и постоењето на таква етничка заедница, на нејзина територија или било каде во светот. Ова е нивна долгогодишна државна политика, а постапката против НВО организацијата всушност беше покрената од бугарската безбедносна служба (ДАНС) и вицепремиерот и министерот за одбрана.

Бугарија беше осудена пред Европскиот суд за човекови права (ЕЦХР) веќе десетина пати за слични случаи, за што плаќа само ситни парични казни, и продолжува да ја спроведува својата политика со што само потврдува колку ЕУ е неефикасна и неподготвена да ги брани своите граѓани и да ги заштити нивните основни човекови права.

Со овие постапки само се охрабруваат нашите угнетувачи кои го бараат нашето преименување, и гледаме дека како резултат на тоа, нападите врз Македонците во Бугарија и во Грција драматично се засилуваат.

ММДЧП ја повикува меѓународната заедница и тие кои се навистина заинтересирани да ги бранат човековите права да ја осудат оваа најнова анти-македонска постапка на Бугарија и да го осудат принудното преименување на Македонија.

Бараме ЕУ, Советот на Европа, Обединетите Нации и организациите за заштита на човековите права кои досега молчеа конечно да почнат да го бранат идеалот на човековите права кој тврдат дека е нивна вредност, стои во реакцијата на MACEDONIAN HUMAN RIGHTS MOVEMENT INTERNATIONAL.

 

Најчитани вести