Малку е познато дека спортско-рекреативниот центар Сарај е граден во 1950-тите години, и тоа од страна на скопските затвореници. За тоа постојат и документи. Изградени се фудбалско игралиште со една централна трибина, терени за тенис, чешми, патеки и простори со многу зеленило, хотел-ресторан, а кон течението на реката Треска и познатиот базен. Еден од најстарите базени е и оној во Аеродром.

Скопјани нагалено го нарекуваат и базенот во „Авијатика“, а тој одигра голема улога во одржувањето на традицијата во жешките скопски лета да се оди на разладување во вакви објекти. Но базенот на мојата генерација, момчиња и девојки што бараа нови модерни летни простори во Скопје, е оној на Калето, во рамките на спортскиот центар Кале, кој се градеше неколку години. Во тој комплекс посебна улога имаат и базенот во Карпош 3 и Олимпискиот базен.

Изградбата на базенот на Кале кон средината на 1960-тите години будно ја следевме и со нетрпение очекувавме кога ќе биде пуштен. Тој базен почна да се гради спроти земјотресот, а со изградбата продолжи подоцна. Во тие години сѐ уште се одржуваше значајната манифестација „Денови на солидарноста“.

Еден дел од неа се одвиваше на просторот на лизгалиштето, во чија близина се градеше базенот. Настапуваа разни музички групи, а подоцна и славниот американски квартет „Голден гејт“. Како да го следиме „Голден гејт“? Во таа тинејџерска возраст смисливме една итрина: ќе го следиме од скокалниците на базенот, кои веќе беа изградени, малата, средната и највисоката, на која не се осмелувавме ниту да се искачиме.

Од средната имавме најубав поглед за следење на концертот. Во 1968 и 1969 година базенот на Кале беше главен скопски летен хит. Масовно беше посетен, можеа да се видат музички ѕвезди, познати артисти, спортисти. Бидејќи базенот ја имаше највисоката скокалница или трамбулина во градот, се појави и девизата дека најхрабрите скокаат од највисоко. Скокни, ама како, кога целата трамбулина изгледаше страшно, само ако ја погледнеш. Ако се искачиш на неа, базенот беше како – точка!

Сепак, имаше момчиња што го правеа тоа бестрашно. Најпопуларниот скокач беше момчето од Саат-Кула Маало. Кога ќе се искачеше на највисоката трамбулина, капачите занемуваа. Во исчекување, сите погледи беа вперени кон него. Тој најпрвин правеше фигура, застанувајќи на двете раце на самиот раб од скокалницата, со нозете исправени угоре. Потоа на работ стоеше само на едната рака. Наеднаш, во мртвата тишина што владееше, се одлепуваше од трамбулината и со неколку салта паѓаше во водата. Громогласен аплауз, воодушевување.

Пред земјотресот, на реката Вардар требаше да се биде фраер и да се скокне од највисокиот и најстрашниот мост, а тоа беше Железничкиот мост во Маџир Маало. И покрај инцидентите, имаше бестрашни скокачи. Меѓутоа, Скопје не би било Скопје ако во тоа време немаше и вакви куриозитетни личности и ситуации. Девизата „биди фраер“ наскоро престана да важи. Се појави девојка скокач, која скокаше подобро од сите скопски фраери. Ете, и такви убави нешта се случуваат. Да, тоа беше младата Мита, бестрашната маџирмаалка.

Кога скокаше, ѝ завидуваа многу самобендисани фраери. Сепак, таа повремено скокаше во тандем со Ачан, една од скопските легенди, кој живееше од другата страна на Вардар, кај старата кланица. Најпрвин скокаше Мита, потоа Ачан, а понекогаш скокаа истовремено. Тоа беше вистинско доживување, како на филм, какo во „Бал на вода“. Стариот маџирмаалец Томче, мојот долгогодишен пријател, ми раскажуваше неодамна: „Храбрата Мита е родена во 1950-тите години и таа беше другарка со сестра ми.

Основно учеа во училиштето ’Браќа Миладиновци’, кое се урна во земјотресот. Мита израсна на Вардар, и како девојче скокаше бестрашно“. Знаете ли каква интересна анегдота постои за маџирмаалци? Секое дете што ќе се роди, најпрвин го капат во Вардар. Тие се деца на реката, затоа се одлични пливачи и скокачи.

По земјотресот, плажите на Вардар не функционираа, но затоа станаа популарни оние на реката Треска, заедно со езерото Треска, кое беше изградено подоцна. Плажите се редеа еднаподруга, од утоката на реката Треска во Вардар, кај излетиштето Сарај, па угоре кон Матка, плажата кај кривината и погоре, кај познатата кафеана „Мечкина дупка“.

Некои од плажите беа пространи и личеа на оние на реката Вардар, но некои беа само длабоки јазови во кои беше опасно капењето. Во летниот период во Скопје, особено пред земјотресот, особено беа популарни игранките одржувани на отворено, а преку целата година и во затворени простории во Поштенскиот дом, Офицерскиот дом, во гимназиските сали, во Соколана (тоа се познатите „матинеа“).

Во Скопје постоеја толку совршени играчи на модерните игри и рокенрол, што и денес се раскажува за нив. Подоцна, при доаѓањето на мојата генерација, игранките веќе беа минато, во кое ние, поради возраста, многу малку или воопшто не учествувавме. Но нас нѐ обзедоа една друга манија и страст.

„Битлси“, дискомузиката и клубовите „Работнички универзитет“, „Технометал“, „Мусандра“, „Турист“. Во музичката експлозија што настана во тие години исклучителна улога имаше и легендарната Универзална сала, која не случајно го носи името „универзална“. Кон крајот на 1960-тите години, преку лето во Градскиот парк, во Офицерската бавча, се отвори летно диско, во кое дискџокеј беше Михаил Бошковски-Мице. Подоцна пееше и Даниела Панчетовиќ, чиј милозвучен глас одекнуваше низ целиот парк, глас на кој се сеќаваме и ден-денес, бидејќи засекогаш остави длабоки траги во нас.

Данило Коцевски, Нова Македонија

Најчитани вести