The falcon cannot hear the falconer;

                            Things fall apart; the centre cannot hold;

                            -W. B. Yeats, 1919.

Секој политички диктиран подем на омразата во општеството има свој целулоиден, уметнички конструиран лик кој ја персонифицира емотивната, соц ијална и идеолошка состојба на часот. Во седумдесетите, ерата на Виетнам, Вотергејт и Вудсток, тој лик беше Травис Бикл, таксистот од истоминентиот филм на Мартин Скорсeзи. Во осумдесетите на јапизмот, реганизмот и АИДС, моделот на омразата облечена во свилени кошули, префинети визит карти и дехуманизирана сексуалност беше Патрик Бејтман од Американскиот Психо на Брет Истон Елис.

Во девеесетите години на Самјуел Хантингтон, судирот на цивилизациите, Сребреница и огинот на паришките предградија, омразата беше моделирана во карактерот Винц на ремек делото Омраза (Le Haine) на Матиу Касовиц. Запознајте го новиот лик на омразата на денешницата – Томаш Гиемза.

За да го запознаете овој иконски лик, ќе треба да се потрудите да го најдете и се почестите со гледање на несомнено најдобриот и најакtуелен политички филм на годината под наслов „Мразачот” (‘The Hater’ - англиски, ‘Sala samobójców. Hejter' - полски) на полскиот режисер Јан Комаса, според сценарио на Матеуш Пачевич.

Со бравурозната изведба на Мациеј Мусјаловски во улога на Томаш Гиемза, интелигентен, снаодлив, сиромашен и амбициозен студент чија академска иднина завршува неславно со откривањето на неговиот плагијат. Во таа почетна сцена на соочување на студентот со своите ментори се разоткрива профилот на ликот и општеството, нивните взаемни односи и се поставува премисата на драмата која ќе уследи.

Томаш Гиемза не е мразач. Барем според класичната дефинија на поимот или популарното поимање на негативизмот. Тој е способен да љуби, да сака, што ја комплицира преставата за него како нарцисист. Во него има сочувство, поради што е деликатно да се сублимира како социопат според воспоставените критериуми. Неговите просудувања не се мотивирани од припаѓање кон класичните линии на политичка поделба.

Тој не е патриот. Не е ни космополит. Всушност, неговиот карактер е дефиниран од неговата професија и хоби на информатички инжињер и експерт за маркетинг. Што пак ја создава дилемата кај гледачот за природата на неговиот антропоморфизам – дали неговиот андроген лик е происход на заробеноста од виртуелното или пак виртуелноста е само механички програм моделиран според неговиот бескарактерен дух?   

Sehnsucht nach Europa Polen (DW/Anna Maciol)
Полскиот режисер Јан Комаса

Томаш е способен, и спремен да тоа го докаже, за предивикување севкупен општествен и политички хаос без премногу грижа на совест и со хируршка прецизност. Неговата умешност за елегантно балансирање, убедливо адаптирање и махинејско искористување на радикално спротиставените политички сили е запрепастувачка – во рамките на уметничките слободи на режисерот, се разбира.

Во неговиот универзум, политички антагонизираните страни се само програми во севкупниот оперативен свет во кој се е сведено на неколку бинарни нули и единици. Токму затоа неговата изглумена омраза кон имигрантите и нивната закана кон Белата Европа е напати поубедива, поразгорувачка и мобилизаторска од сите бесни покличи на тапоглави дебеловратци обвиени во реа на ефтино јаблоново пилснер пиво. Неговата умешност да ја освојува публиката во отмените, софистицирани атељеа на пост-модерната уметност на високата господинска каста е темпирано воздржана во пристап и агресивно демонстрирана во галење на суетите на за комплименти секогаш гладните снобови на демократска Европа.

Со педантна самоконтрола, Томаш е спремен да во иста вечер ја одглуми рољата на млад, несигурен млад Пољак кој ќе ги пробуди заштитничките сентименти на радикалните националисти; на прогресивен, сексуално слободен, европски елоквентен младешки пилиштарец податлив за освојување; на мачо-мистичен екстремист способен да ја поттикне омразата на соиграчот од видео игрите за преминување од празни зборови кон крвави дела. Неговата леснотија во менување на рољите е неспоредлива. И возможна токму поради неговата галантна дистанца од емоциите на искрена верба во било што, било кој. Па дури и ликот на неговата љубов. Томаш е, едноставно, програма.

 

Неговата умешност за лизгање од еден во друг политички и идеолошки свет благодарение на информатиката и маркетингот е своевидна алегорија за новиот центризам изграден на рушевините на класичната улога на центристичките партии. Ерозијата на влијанието на религијата врз општествата ја има подриено улогата на традиционалните демохристијански партии во западно европските држави, принудени да кохабитираат со нововремските протестни движења со радикално спротиставени ставови.

Во новите источни демократии пак, тие триења се уште поизразени низ судирот помеѓу либералните елити изникнати од комунистичките и посткомунистичките урбани милјеа и традиционалните религиски и тврдо антикомунистички струења од преградијата и руралните средини. Линиите на поделби, дополнително сатуризирани од сериските потреси на финансови, имигрантски, идеолошки судири, оставаа се помалку простор за центристичка сива зона на минимален конзензус, оставајќи ја идеологијата на центризмот како опустошена no-man-land празнина меѓу двете фронтовски линии. 

 

Таа празнина, чинам, се повеќе се освојува од новите религии на современието – информатичката револуција и маркетингот, како ценети и уважувани фактори од сите засегнати страни. Кои со ширум отворени раце ја прифаќаат и признаваат нивната неизбежна и круцијална улога во освојувањето на гласачките пастви и општествената подршка. Дискретноста и анонимноста на информатичката дистанца е совршен субститут и надградба која овозможува исповест без предрасуда и осуда, реплика на соц ијализирање со неограничен диапазон на понуда и лишена од стегите и нормите на директната комуникација.

Додека информатичката еволуција е ориентирана кон нудење нов сајбер-субститути на индивидуалните односи, маркетингот нуди надградба во масовните комуникации кон прецизно дефинирани таргет групи во реалното оштеството и виртуалното нетизенство. Комбинацијата на овие две моќни исповедно-пропагандни алатки  на современието ја чини основата на новиот центризам. Своевиден хаб на спротиставени мислења или светогледи и канал на комуникација помеѓу взаемно отсечените еко-комори на убедувања, идеологии и нивните застарени форми на медиумска комуникација со општеството.

Тој доблесен нов свет на информатиката и маркетингот е се повеќе присутен и кај нас како лесно осетлив, не толку забележлив, несомнено значаен фактор во определувањето на плимите и осеките на подршките кон политичките сентименти. Падот на подршката за политичките партии, венеењето на класичните медиуми во обликување на јавното мислење и недовербата во стандардните форми на мерење на расположението на граѓаните е одамна евидентирано и прифатено како реалност.

Ерозијата на нивното влијание е логично надополнување на слабеењето на битноста на парламентарната дебата и недовербата во системот. Празнината на центризмот кај нас досега се надополнуваше низ консензуалната верба и поддршка кон меѓународната заедница, поточно кон интеграционите процеси и влијанието на амбасадите како своевидни монархни авторитети на пресудување.

Слабеењето на трансатлантските спреги, неиспорачување на ветеното и се поизразените двојни стандарди од нивна страна веќе ја имаат срушено и таа, последна, катедрала на центризам од нужда. Оставајќи простор за негово заземање од манипулативната доминација на интернетот и маркетингот во сегашната каубојска форма на безскупулозноста и екстремноста.

Епидемијата на лажни вести и „алтернативни факти” е само еден, полесно препознатлив симптом и пород на овој несвет брак помеѓу технологијата и психологијата за манипулација со масите. Неспремноста или неумешноста за справување со коренот, а не симптомите, на болеста ќе води кон уште покомплексни, потешко препознатливи и далеку подраматични последици по политичките модалитети за разрешница на конфликтите и динамиките во општествата, се до односите помеѓу народите и државите.

Несразмерноста помеѓу евтиноста на информатиката и маркетингот, нивната демократизирана достапност во комбинација со неотчетноста и заштитата од одговорност за негативните последици е формула за деструкција во очекување.

Решеноста на ЕУ и САД да стават каков-таков ред и лимити врз влијанието на глобалните инфо-маркетиншки голијати е секако за поздравување, колку и да е со задоцнување. Позитивниот придонес на овие голијати кон современото општеството не треба и не смее  да се потценува.

Но лежерноста во нивно некритичко третирање неминовно ќе води кон состојба во која негативните последици прво ќе се израмнат а потоа ги збришат сите нивни доблести. Нивната моќ е пропорционално зависна од позитивноста на ликовите кои ја искористуваат технологијата која станува се поефтина, се подостапна, се полесно употреблива. Во спротивно, со зол ниет, прашање на време е кога реалноста ќе ја имитира фантазијата на сцената во која младиот Томаш Гиемза во темна одаја, со безкрвно лице, четири лименки ред-бул, два компјутера и пет прсти предизвикува судир на улици. 

Арсим Зеколи, Deutsche Welle

Најчитани вести