Полнето, печено, крцкаво, вкусно пиле… Вистински рај за љубителите на овој тип месо! Ви претставуваме рецепт на кој нема да му одолеете. Рижотото што ќе преостане од полнењето на пилето може да се искористи како прилог.

Потребни состојки:

• 1 пиле од 1,5-1,8 кг

• 1 поголема главица кромид

• 2 моркова

• 2 стебленца целер

• 120 г ориз

• 500 мл пилешка супа

• 40 г пармезан

• црн пипер

• сол

• масло

За прилогот:

• 1 помала брокула

• 1 помал карфиол

• 3 моркова

Начин на приготвување: Кромидот се чисти и се сече на коцки, морковите и стебленцата целер се лупат, па и тие се сечат на коцки. На малку масло се пржи кромидот, а потоа се додаваат морковите и стебленцата целер, па и тие кратко се пржат. Се става оризот, па понатаму се динста, постепено долевајќи по малку пилешка супа, додека набабри оризот. Се додава пармезанот, се посолува и запиперува по желба.

Пилето се полни со приготвеното рижото, па отворот се прекрива со кожичка и се прицврстува со чепкалки. Тепсијата се обложува со хартија за печење и се прска со масло. Се става полнетото пиле и се пече во загреана рерна на 200°Ц, додека порумени. Карфиолот и брокулата се чистат од коренот и надворешните листови и се кинат на цветови, морковите се лупат и се сечат на крукчиња. Зеленчукот се обарува на пареа и се послужува како прилог со печеното пиле.

Најчитани вести