Русија планира годинава да произведе 30 милиони дози експериментална вакцина против Ковид-19, со можност за производство на уште 170 милиони во странство, изјави за „Ројтерс“ Кирил Дмитриев, директор на рускиот Фонд за директни инвестиции.

Првото испитување на вакцината кај луѓето, кое траеше еден месец и во кое учествуваа 38 лица, заврши неделава. Научниците заклучиле дека е безбедно да се користи и дека предизвикува имунолошки одговор, иако силата на тој одговор е сè уште нејасна.

Поголема, трета фаза од испитувањето, во која ќе учествуваат неколку илјади лица, треба да почне во август, рече Дмитриев.

„Веруваме дека врз основа на сегашните резултати, вакцината ќе биде одобрена во Русија во август, а во некои други земји во септември… што значи дека може да стане прва одобрена вакцина во светот“, рече тој.

Повеќе од 100 можни вакцини се развиваат во обид да се запре пандемијата. Најмалку две се во последната трета фаза на човечки испитувања, според Светската здравствена организација (СЗО). Едната ја развива кинескиот „Синофарм“, а другата „АстраЗенека“ и Универзитетот Оксфорд.

извор: Makfax

Најчитани вести