Српскиот министер за одбрана Александар Вулин вечерва во изјава за ТВ „Пинк“ рече дека она што се случува втора вечер по ред во Белград не е протест против мерките за борбата против коронавирусот, туку обид за пуч.

„Сите непријатели на Србија се среќни вечерва. Гледајќи го центарот на Белград, Нови Сад, како горат, како се напаѓа српската полиција, сограѓаните, како се уништува сè во оваа земја, на тоа среќни можат да бидат само непријателите на Србија“, рече Вулин во телефонско вклучувње.

„Од српските власти се бара да се повлечат настрана и да дозволат разни силеџии, фашисти и екстремисти да се обидат да ја преземат власта без избори“, додаде Вулин, повторувајќи дека собирите немаат никаква друга цел освен обиди за насилство и државен удар.

Тој порача дека настаните пред националното собрание не се ништо друго освен обид за разгорување на граѓанска војна.

„Српската држава ќе победи, државата мора да победи, ние ќе го зачуваме владеењето на правото бидејќи правната држава и силата на законот мора да го победат насилството“, заклучи Вулин.

извор: Makfax

Најчитани вести