Петар Богојески, лидер на Македонски концепт и носител на изборна листа за пратеници за ИЕ1 на вечерашната граѓанска трибина која се одржа во Аеродром подетално се осврна на закочените евроинтеграциски процеси во Македонија и, како што рече, руинираниот судски ситем во државата.

„Никој не кажува која е причината за забавување на процесот на интеграција во Европската унија. Не е вистина дека не мрази учителката како што се обидуваат политичарите во Македонија да го претстават тоа. Никој не не мрази, туку си се мразиме самите себе со тоа што со прст не мрднавме да направиме реформи во она што ни беше најважно за земјата, а тоа се правдата и правото. Токму поради тоа станавме некредибилен партнер за преговори со ЕУ”, истакна тој.

Како што рече Богојески, многу луѓе завршиле во затвор, вклучувајќи го и чичкото со ќебапите од Велес, ама никој не завршил во затвор од политичарите или високите функционери.

Освен ЕУ интеграциите и судството, тој се осврна и на темите за борба против криминалот и корупцијата, економијата, земјоделието и внатрешната политика.

„Владее ненормалност во земјата и токму ова е последна шанса за нормална држава. Македонски концепт создаде понуда, создаде број 10 и граѓански листи кои се најдобриот избор за Македонија. Гласот за број 10 е глас за граѓански пратеници во парламентот“, истакна Богојески.

Покрај него, на трибината говореа и кандидатите за пратеници д-р Елена Зафировиќ и Калин Митрески и адвокатот Владимир Бангиевски.

„Судската власт во изминатите 30 години од моментот на осамостојување на земјата убедливо е најслабата алка во системот на власта. Не сум личен поборник на теоријата дека е доволно само да го смениме законот и со тоа да ја завршиме целата работа. Ниту едната, ниту другата партија кои што само се менуваат на четири или повеќе години не придонесоа за стабилно, ефикасно, ефективно судство”, изјави Бангиевски.

Калин Митрески порача дека ако сакаме да имаме ефикасно судство, тоа треба да биде составено од професионалци, а не, како што кажа, од луѓе кои потекнуваат од одредена фамилија и генерации и само ја продолжуваат фамилијарната лоза.

Елена Зафировиќ, кандидат за пратеник за ИЕ1 која говореше на темата здравство рече дека како што ни треба правна држава, така ни треба и здравство и образование.

„Мора да направиме промени, затоа што луѓето кои што се способни, полни со знаење и ентузијасти си заминуваат од државата затоа што не се препознаени како такви. Не се препознаваат личните квалитети, туку политичката припадност“, порача таа.

извор: Makfax

Најчитани вести