Потребна е итна внатрешна реорганизација на сите болници во земјава, со што тие треба да одвојат одреден процент од своите болничките кревети само за лекување на болни од коронавирус, а притоа да се остави простор и право за лекување на сите оние пациенти кои имаат потреба од медицинска помош, а не се зафатени од пандемијата, вели доцент д-р Јасмин Циривири, началник на хируршките одделенија во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

Тој вели дека персоналот на болницата без никакво двоумење влезе во костец со ова заразно заболување, несебично и свесни за опасноста по сопственото здравје – и сѐ уште се спремни да одговараат на ваквиот предизвик. Тоа во март беше ургентно решение за да се растовари притисокот на Инфективната клиника и да се заштити Клиничкиот центар.

Меѓутоа, по четири месеци, се гледа дека ваква организација не може да трае бесконечно, особено што ако се одложува реорганизација на системот тоа ќе има многу тешки последици за општото здравје и опасност да се зголеми бројот на смртни случаи од ненавремено лекување на други болести. Настрана што се уништува болница од огромно значење за јавно-здравствениот систем на државата.

„Апелираме дека новата реалност изнудува преструктурирање на сите здравствени организации за заеднички да го понесеме товарот за справување со вирусот“, вели д-р Циривири за сдк.мк.

Болницата „8 Септември“, која од почетокот на коронакризата беше претворена во ковид-центар во кој требаше да се примаат само оние ковид-болни кои имаат потреба од хируршка или друга интервенција, всушност, никогаш не заживеа во таа функција. Таа се претвори во тријажен центар и голема инфективна болница во која се лекуваат најтешките ковид-случаи, а на Инфективната клиника остануваат среднотешките или лесните случаи.

Нагло почна да се зголемува бројот на пациенти кои се суспектни или заболени од ковид-19, поради што мораше да се ослободуваат кревети од стационарниот дел, особено за пациенти кои имаат потреба од интензивен третман. Целокупниот персонал во болницата, особено средномедицинскиот, е комплетно ангажиран во лекувањето на пациентите од ковид-19, а во  болницата има само 3 инфектолози и 13 анестезиолози, од кои во моментов тројца се во изолација.

Болницата веќе четврти месец комплетно ги има прекинато сите специјалистички прегледи и лекувања што вообичаено се изведуваат тука, па така листата на чекање само се зголемува и не ѝ се гледа крајот. Д-р Циривири вели дека таквата организациска поставеност на болницата го ускратува правото на сите останати пациенти коишто имаат други заболувања да бидат правовремено лекувани и иследувани.

Тој истакнува дека на хируршките одделенија е огромна листата на пациенти кои имаат потреба од некои хируршки интервенции кои беа одложувани овие месеци, а некои од овие интервенции, особено на малигни заболувања, веќе не се во состојба за одложување. Исто така, има и голем број дијагностички и интервентни процедури кои се работат во болницата, а во моментот се стопирани поради опасноста од ширење на инфекцијата кај овие пациенти кај кои со сигурност би имало смртен исход ако се разболат од коронавирус. Објектот не е дизајниран за инфективна болница и не може, како што некој мисли однадвор, туку така да се изолира чист од нечист дел.

Пред коронакризата, „8 Септември“ работеше со капацитет од 4.000 операции годишно, а некои од нив, особено ортопедските, се изведуваат исклучиво во оваа болница. Само на одделението за ортопедија месечно се закажуваат околу 120 операции.

Најчитани вести