Турскиот државен совет го реши прашањето за претворање на Аја Софија во џамија за само 17 минути, а конечната одлука ќе биде објавена во рок од 15 дена, објави „Си-Ен-Ен Турк“.

Исто така, се додава дека првата исламска служба би можела да се одржи на 15 јули во Аја Софија, по повод годишнината од неуспешниот обид за пуч во 2106 година.

Грчкиот весник „Ортодокс тајмс“ објави дека Врховниот суд на Турција донел одлука според која турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган има право да го промени статусот на Аја Софија, која во моментов е музеј.

Во исто време, декретот на Мустафа Кемал Ататурк од 1934 година, на Аја Софија и ’се доделува статус на музеј, останува на сила, но Ердоган може да го смени тој статус.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, исто така, се приклучи на дебатата за претворањето на Аја Софија во џамија во средата.

Тој ја повика Турција да не го менува статусот на светски познатиот објект и да овозможи да остане музеј кој, како што рече, ќе му служи на човештвото како мост меѓу различните религии и култури.

Турското Министерство за надворешни работи реагираше на коментарите на Помпео, велејќи дека одлуката за статусот на Аја Софија е внатрешно прашање на Турција.

Сподели
 

Најчитани вести