Ситуацијата со корона инфекцијата секојдневно се влошува. Сведоци сме на огромен број на новозаразени, и што е најтажно се зголемува бројот на починати. Здравствените капацитети се преполни, се отвораат нови КОВИД центри кои ќе згрижуват пациенти, се бара кревет повеќе, здравствените работници се исцрпени и на крајот на силите, ресурсите се трошат, се чувствува недостаток на ракавици, маски, заштитни мантили, алкохол, вели доктор Андон Чибишев

Сето тоа се очекуваше бидејќи епидемијата предолго трае, мерки се превземаат, па се укинуваат, се исполнуваат барања и желби на поедници, политички субјекти, религиозни групи, бизнис и невладини организиции а се запоставуваат препораките и барањата на стручните тела и поединци.

Со жалење можам да констатирам дека за период од дваесетина денови имаме:

– Два пати повеќе новозаразени

– Два пати повеќе починати

– Три пати повеќе активни случаи

Состојбата е крајно загрижувачка и делува депресивно и безнадежно. Бројот на тестирања на дневна основа се намалува а процентуално бројот на новозаразени не паѓа под 15 %. Меѓутоа, предизборната кампања влегува во ритам, одговорните од Министерството за здравство наголемо си тераат кампања и ваквите поразителни бројки веќе не добиваат соодветно внимание од надлежните институции.

Се плашам дека здравствениот систем ваквиот притисок нема да може да го издржи и брзо ќе дојдеме во ситуација и здравствените работници како пациенти да нема кој да ги лекува.

Ги повикувам Министерот за здравство и надлежните во соодветните институции повеќе време да посветат на сузбивање и контрола на епидемијата. И без Вас предизборната кампања ќе тече и изборите ќе се завршат, напиша Чибишев на Фејсбук

Најчитани вести