Македонските државјани остануваат и понатаму непожелни во земјите членки на ЕУ.Драматичнoто зголемување на бројката на заболени со Ковид 19 во Македонија – ни ги остава спуштени рампите за патување. Според најновата нацрт листа на ЕУ, објавена од „Еуроњуз“ – само 15 држави ќе можат слободно да патуваат во европските земји. Од земјите од Балканот на листата се само Србија и Црна Гора. Покрај нив, во Европа би смееле да влезат и граѓани на –Алжир, Австралија, Канада, Грузија, Јапонија, Мароко, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Тунис, Уругвај и Кина.

Како што пошува „Еуроњуз“, имало  доста несогласувања меѓу државите околу критериумите за носење на оваа одлука бидејќи дел од нив сметале дека податоците за стапките на заразени со Ковид-19 не се веродостојни.

Истовремено, аеродромите во Скопје и во Охрид се отвораат в среда со летови на „Визер“. Првите туристи во земјава ќе дојдат од Холандија и Полска.

„Она што е најважно за патниците е следното – да пристигнат на аеродромите најмалку три часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание“, – вели Алпер Ерсој – директор на ТАВ – Македонија.

И нашиот јужен сосед Грција, ги отвора сите аеродроми за патници од странство, како и седум копнени гранични премини, меѓу кои и Евзони на македонско-грчката граница, но до утре ќе се знае дали ќе ја отвори границата и за Македонците.

Македонските граѓани без тест и карантин може да патуваат само во Србија, Албанија, Косово и Турција, а кај нас може да влезе странски државјанин без да се тестира и да оди во задолжителна самоизолација. Македонските државјани може да заминат во  Бугарија, Хрватска и Црна Гора, но таму ќе мора да бидат во 14 дневен  карантин.

Најчитани вести