“Во времето за кое станува збор, во градовите царуваше смрдеа која ние денес едвај би можеле да си ја замислиме. Улиците смрдеа на ѓубре, дворовите смрдеа на моч, скалите по куќите смрдеа на гнило дрво и глувчешки измет, кујните на скапана зелка и овчи лој, непроветрените соби смрдеа на мемла и прав, спалните на непрани чаршафи...

Луѓето смрдеа не непрана облека и пот, од устата им се ширеше реа на расипани заби, а од утробата на кромид, додека од телото, ако не беа млади реа на старо сирење и скиснато млеко и болести.”  Вака Патрик Зискинд  го започнува неговиот неповторлив роман Парфем за хронологија на едно злосторство во 18 век во Париз.

Денес  во 21 век, ние  не што можеме да ја замислиме смрдеата од 18 век што царувала во големите градови, туку живееме во град во кој царува нехигиена, пред се заради лошите навики и (не)култура на живеење на жителите на овој град и попустливоста на оптинските власти кон непримерните граѓани.

Во оваа држава постои Закон за јавна чистота во кој меѓу другото ги регулира обврските на сите физички и правни лица во одржување на јавната чистота на јавниот простор и забранува фрлање и оставање на отпадоци од градежен материјал,  освен на места опеделени за таа намена, фрлање и оставање на хартија, отпушоци, мастики, амбалажи, земја, отпадоци од растенија, песок и други отпадоци, освен во корпи и специјални места за таа намена, оставање на стари предмети од домаќинства и смет од вршење на дејности покрај контејнерите, палење и закопување на смет, оставање на фекални остатоци од домашни миленици и мртви животни, живина и птици во контењери и канти, колење на кокошки и друга живина и животни, испуштање на отпадни води и други течности од дворните места и објекти, истурање или испуштање на течности во канти или контењери на улици, во канали, реки и езера, сечење, складирање, цепење на дрва, јаглен и слично, чување и напасување на крупен добиток и живина, превоз на песок, земја, цемент, глина, земјоделско ѓубре, сено, отпад или слични материјали без претходна подготовка и поклопување на матреријалите со поклопец, вклучување во сообраќај на моторни, влечни и запрежни возила од стоваришта или градилишта со валкани тркала, оставање на нерегистрирани, хаварисани возила на паркинзи, мешање на бетон, малтер, освен на места определени од општина, растурање на сметот од вреќи, контејнери и канти за собирање на смет, фрлање или оставање на смет, до контејнер и канти, фрлање смет од било кој кат од стамбена зграда или куќа во двор, поставување на контејнери и канти надвор од определените места за нивни поставување согласно нивната намена, палење и уништување на контејнери и канти, уништување на урбаната опрема- клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта, плукање или секнење на нос на јавни површини, лепење на плакати, на кое било јавно место, освен места определени за таа намена, вршење на физиолиошки потреби.

Ваквото законско решение е одраз на состојбите и не треба да ве чуди и да ви е смешно што законодавецот со законот на пример забранил да се врши нужда на јавни површини, да се плука и да се секне нос, бидејќи вакво однесување во 21 век за добар дел од нашиот народ е секојдневна пракса!

Ѓубре од секаков габарит и мирис на секаков јавен простор, од улици, преку тротоари до паркови и зелени површини. Кеси полни со смет од подготовка на ручеци, дамски влошки, пикавци од цигари, флаши од пива и сокови, амбалажи од детски чоколадца и смоки, кеси од правосмукалки, преку исфрлени комоди, душеци и градежен смет и фекалии од домашни миленици. Преполнети контејнери преку ден од кои се шири ужасна реа, на кои јасно и видливо е означено дека ѓубрето во нив треба да се фрла од 18 до 21 часот. Диви депонии речиси во секоја урбана и приградска населба. Тоа е нашето секојдневие.

Додека цел свет ѓубрето го рециклира и од него произведува био дизел гориво ние се гушиме во неговата смрдеа, се гадиме од неговиот изглед и содржина, и се изложуваме на ризик од заразни болести.

Градот Скопје, минатата година набави и постави нови контењери со современ изглед и капаци кои се отвараат со нагазување на педала, па со рака да не треба да фаќа прљава површина. Вакви исти и слични контејнери има и во други метрополи, но она нас што не издвојува од другите градови е дека некои наши сограѓани толку беа револтирани од поставувањето на ваквите современи контењери што дури ги палеа!

Само во последниве неколку месеци, Градот Скопје од две диви депонии една во Аеродором, веднаш до железничката станица, и уште една во Карпош направи парк со убави рекреативни содржини и само прашање на време е кога и каде ќе никне нова дива депонија, на која несовесните граѓани, а веројатно и неодговорни компании ќе фрлаат масивен и градежен смет придружен и со кеси полни со ѓубре од домаќинствата.

Запознаени ли се граѓаните со одредбите од овој закон? Мое мислење е дека овој закон треба секојдневно и транспарентно да им се пласира на граѓаните, најдобро на телевизија пред вести или турски серии.

Зошто не се почитува законот? Веројатно заради примитивниот менталитет и неказнивоста.
Дали ги има, колку ги има и работат ли на терен општинските и градските комунални инспектори? Има малку, но и тие малку, ретко кој ги видел!

Дали мандатната казна од 50 евра предвидена за физички лица е премногу мала или ретка штом граѓаните и покрај ваквите забрани, не се откажуваат од гнасните навики? Би одговорила повеќе ретка, отколку мала.

Дали некои групи на граѓани, заради нивниот социјален, материјален или етнички статус се привилегирани и не добиваат казни за нивното погано однесување и живеење со навики од 18 век во урбана средина во 21 век? Веројатно, да!

Сметам дека јавната чистота треба да биде еден од приоритетите на секоја општинска власт како надлежна за овој проблем. Активно следење на состојбите на терен и казнување на несовесните за непочитување на законот за јавна чистота. 
Да, ова е сиромашна држава со сиромашни граѓани, но под превезот на сиромаштијата не можат да се оправдуваат за нивното погано однесување.

Зошто мандатните казни, за оние што не можат да ги платат, не се заменуваат и со општо корисна работа? Наместо да плаќаат 50 евра, нека чистат фекалии од паркови, нека собираат измет од домашни миленици, нека чистат плукаици и мрсули, под надзор на комуналните работници, па верувам дека така, сигурно ќе се превоспитаат.Или ќе најдат 50 евра тогаш за да платат казна?

Зошто другиот дел, од граѓаните што доследно го почитуваат овој закон, да бидат жртва на оние што не го почитуваат законот и до кога ова ќе трае?! 

Анита Бегова, адвокат

Најчитани вести