Деновиве една вест на социјалните мрежи пријатно ги изненади сите љубители на убавата македонска народна песна. Имено, во антологискиот избор на најдобрите изведби на популарниот Мишо Ковач е вклучена и песната „Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо“.

Во основата на неговата преработка на песната е земена, како што вели самиот, изведбата на Нина Спирова, која тој особено ја почитува. Сето ова ме потсети на еден настан од времето пред војната, кога оваа песна се изведувала во познатите скопски угостителски локали.

Постои дури и еден куриозитет – најпопуларната изведба на оваа песна била во ресторанот на хотелот „Москва“, а по тој повод се собирала голема маса народ во ноќните часови, така што во локалот не можело да се најде место. Кој бил газда на хотелот и каква е приказната поврзана со него?

Доротеј Стојанов, газда на хотелот „Москва“

Скопскиот хотел и ресторан „Москва“ е една од легендите за кои и денес се раскажува. Скопје има своја митологија за угостителските објекти, а тоа е една од главните препознатливости на неговото урбано живеење. Хотелот бил лоциран во самиот центар на градот, на денешната улица Македонија, на местото каде што се наоѓа зградата на „Технометал Вардар“, односно хотелот „Турист“. Изграден е во дваесеттите години на минатиот век и постоеше до скопскиот земјотрес во 1963 година.

Основач и сопственик на хотелот е човекот со звучно и карактеристично име Доротеј Стојанов, познат угостител и трговец, донатор што помогнал многу проекти. Ја помагал и црквата „Св. Константин и Елена“, а на возобновениот ѕвоник на камбанаријата на црквата „Св. Димитрија“ на таблата е врежано и неговото име како донатор.

И денес се прераскажува дека во тоа време, за да добиете каков било банкарски кредит, добро е ако зад вас стоел како жирант Доротеј Стојанов. А приказната за него започнува уште од Патишка Река, од околината на Скопје, од каде што потекнува неговото семејство.

Еден ден татко му го качил малиот Доротеј на коњ, го сместил во кошница и го испратил на чување во Скопје, кај неговиот чичко што немал пород. Чичкото поседувал меана во која Доротеј израснал учејќи ги сите тајни на угостителството. Подоцна, градејќи го хотелот „Москва“ во периодот меѓу двете војни, тој станал надалеку познат, и надвор од градот.

Во тогашните скопски маркетиншки објави, покрај другите реномирани угостителски објекти, во 1928 г. се рекламирал и хотелот „Москва“.

Во една од рекламите пишува: „Хотелот ’Москва’ Скопје, телефон 253, располага со најелегантен собен мебел. Чистотата е загарантирана. Првокласна кујна, најдобри природни пијалаци. Послугата брза и точна. Сопственик – Доротеј“.

Денес во Скопје живеат голем број потомци на Доротеј, негови внуци и правнуци. Еден од нив е и неговиот внук со исто име и презиме, Доротеј Стојанов, кој денес раскажува: „Познат по својата елеганција и отмениот стил на живеење, дедо ми бил и прочуен донатор. Татко ми Кирил, еден од синовите на Доротеј, раскажуваше дека не само дедо ми туку и целото семејство било познато по дружељубивоста и отвореноста кон луѓето, по толеранцијата и избегнувањето конфликти и расправии. Хотелот `Москва` бил популарно собиралиште на скопјани“.

Интересно е дека хотелот „Москва“ ги собирал луѓето од средните социјални слоеви, главно службениците. Сепак, тоа била препознатлива боемска и уметничка средина. Се слушале традиционалните популарни народни песни, а забележано е дека овации предизвикувала токму изведбата на песната „Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо“.

Во записите помеѓу двете војни може да се сретнат и вакви препораки за хотелот, како и за популарната пејачка Софка, која ја изведувала песната за Калеш Анѓа: „Софка во Скопје“, „Во кафеаната `Москва` севдалинскиот глас на популарната пејачка“, „Нејзините вечери претставуваат атракција за ноќниот живот во Скопје“, „Атмосфера боемска“, „Софка е достојна на Коштана“.

Затоа, во ресторанот однапред требало да се обезбеди место. Свирел оркестарот на популарниот Пајо, кој го сочинувале: еден пијанист, еден челист и тројца виолинисти. Во Старата скопска чаршија постоел и познатиот „Доротеја-ан“, кој го држел сопственикот на хотелот „Москва“.

Анот се наоѓал во близината на денешната стоковна куќа „Мост“, а постарите скопјани своевремено ми раскажуваа дека во него навраќале и намерници од другите градови во Македонија, кои главно доаѓале за време на пазарните денови. Долго време се препознавале алките за кои била врзувана стоката во придружните простории на анот. Посетената на овој ан се поврзува и со фактот што главното скопско пазариште во тоа време се наоѓало помеѓу црквата „Св. Спас“ и скопското Кале, пазариште што денес веќе не постои.

Стефан Живанов, внукот на Доротеј од неговата ќерка Евдокија, ми раскажуваше своевремено дека дедо му поседувал и неколку куќи во маалото зад хотелот.

Во едната од нив, неговите потомци живееле сѐ до поплавата, а потоа се преселиле. По дедото, но и по семејната лоза на бабата Цена, се разгрануваат неколку богати и интересни скопски приказни. Меѓу другите, и онаа за создавањето и работата на пекарницата „Лукс“. По војната, хотелот „Москва“ и семејните куќи се национализирани. Во едната од нив живеел и Доротеј, сѐ до својата смрт во 1956 година.

Тоа се познатите услови од тоа време, кога во национализираните објекти живееле многу потстанари од најразлични социјални слоеви. Сето тоа е само дел од бурната и богата историја на градот.

Приказната за Калеш Анѓа потекнува од отоманскиот период и таа е позната по својата саможртва за да не ја промени верата. Романот за Калеш Анѓа на Стале Попов и денес е популарен и се чита, а народната песна ја имаат изведувано нашите најпопуларни пејачи.

(Данило Коцевски, Нова Македонија)

Најчитани вести