Во Македонија се е на продажба. Фигуративно. Зошто? Па, имаме два концентрични круга. Едниот е гладен народ кој вели ‘‘дај што дадеш и барај што бараш‘‘, и другиот е кругот на ситите, ама отворени газови кои сметаат дека се некои ‘‘микро Бил Гејтси‘‘  во Македонија.

Еден добар дел од нив се ‘‘покондурисани опанци‘‘ кои испаднаа најмудри, нај фраери, зашто нивната филозофија е проста ама страшно ефектна. Вели ‘‘ колко кошташ бе друже‘‘. Колку кошташ ‘‘ со све гаќи‘‘? И за да не должам многу, на крај како и да е работата завршува со ‘‘ всичко какво‘  не се купува сас пари, купува се сас много пари‘‘. Секаква елаборација на оваа фраза е излишна. Не бара много интелигенција.

‘‘Претпоставката‘‘ вели дека можеш да купиш политичар, новинар, експерт, аналитичар, шпион, кибицер, фудбалер, тракторџија, зборџија, моторџија. Ај ке речеш, фудбалерите се професионалци бе! Е да,.. ама и политичарите се. Не дрндај многу! Па и уметниците де, певаљки, старлети, шоумени, менаџери, да не набројуваме. Сите тие имаат само еден заеднички ‘‘НЗС‘‘ на крај, а тоа е рефренот од песната на ‘‘К – 15 ‘‘ која вели ‘‘што мислеше, што мислеше, ка‘ се онадеше‘‘!  Коњец филма! 

СЈО беше не светло во тунелот, туку рефлектор вперен во иднината со надеж дека ќе се врати довербата и дека тој што треба ќе оди у апсаана, а тој што треба ќе биде награден со правда. Државата ќе се надои со надеж. Правдата заврши со ‘‘ деветка со кромид‘‘ и со хамбургер - ‘‘Седмица‘‘ ( Скопска сендвичара).

Не постои по прозирна финта од таа која ја гледавме а нејќевме да веруваме дека гледаме со сопствени очи, а која вели ‘‘ СЈО беше беља на глава, кому е потребно‘‘!? Позадинските играчи, кои и да се, не ја изиграа финтата толку мангупски, колку што народот беше и сеуште е најблаго речено – ТЕЛЕ. Не можеш да го онаквиш онолку колку што тој може да издржи. Најсмешно е тоа што уште има кондиција за онаквење ( у хипофиза). 

И после толку време, бајката наречена Македонија во светла правна иднина се скрши на Боки и Катинка, кои не само што апсаната си ја заслужуваат, туку ‘‘курбанлукот‘‘ си го носат на грб како случајот ‘‘рекет‘‘  ако не постоеше, немаше да знаеме дека Македонија е на ова дереџе само поради овие двојца кои ги запалија ко да се ‘‘Џордано Бруно‘‘. И сето тоа пред избори за да се види дека правдата е на прав пат. Ало бе! Ни ‘‘П‘‘ од правда не излезе од се што СЈО требаше да го ‘‘отплеше‘‘ за светлата ни иднина. Јеботе...и  маици ‘‘СЈО‘‘ со три мускетарки се носеа! Отиде све у пизду материну. 

Битно,.. Катица ја фрлија во кошница оставајки впечаток дека е малтене ‘‘Палома марамица‘‘.  Не дека е незаслужено, не е во парите финтата, туку во филмот ‘‘ си било еднаш во Македонија‘‘!  Ех, мори Катоооо,... ама глуптар испадна! Јебале те и ‘‘паре и јаре‘‘! Остај го ти Боки. Он си беше далаверџија ионака. Скуп далаверџија. Е, па сеа ‘‘кој јаде маст, јаде и стап‘‘.  Каков и колкав стап ќе јаде Боки кај Идриз Бег накај Дељадровце, тоа ‘‘отом – потом‘‘, ама факт е дека прдеше од превисоко. 

Избори!? Аха! Да! Сега и тука, во ситуација на ‘‘триста пеесе‘‘ ситни партии кои на крај во позиција на ‘‘ пата – пата‘‘ меѓу двата султаната ќе им го оцрнуваат животот на султанатите условувајки ги и уценувајки со тој евентуално еден пратеник што ќе го бутнат у игра. Се е уцена!

Али Ахмети уценувал!? А бе ало погледајте наоколу. Па има ‘‘алиевци ‘‘ колку сакаш дента после пребројувањето на гласовите. Она што е евидентно е дека сите се спремни на се! Само да се убутаат у власта. А све ‘‘ќортани‘‘! Зошто?! Па, во политиката нема случајности бре луѓе. Кој све и со кого ќе коалицира, ке крои власт, зависи од тоа на Кале дали доручкувале или не.

Која будала ке дозволи изненадувања ( висока политика и слики) во Македонија да се инсталира власт која ке биде ‘‘ камче во кондурата‘‘ на Чичко Сем? Ако треба и ке се растурат изборите и триста политички кризи ке се направат, ама она што ке се инсталира како власт за во догледна иднина, не смее да таласа много ‘‘ ало бре што се дешава у Криволак‘‘! 

Менталната мастурбација во која вториот бран на Корона среде избори е дупло појак од оној у Април, ке биде и понатаму фантастична платформа за дневно политички оправдувања ако нешто не оди како што треба. Ма, нека цркне народ, ( с‘ опроштење) што го јебеш. Во прашање се повисоки цели. Е, кои се тие цели бе друже!? Ех,.. не прашуј много, да не ти рипнат медиумите со некоја фотка како те фатиле дека си какал зад некоја грмушка како мал. Викај ‘ ура‘‘ и не сери!

И?.. И што!!... И, ништо!! Терај по старо, зошто времето не е ништо подобро од ‘‘ноќта на долгите ножеви‘‘. Само друг филм, а спакуван во демократија. Стапот во сите комбинации паѓа врз грбот на оние кои бездруго се апсолутно небитни, затоа што се само статистички бројки. Бројки, кои ги контролираат оние од почетокот на колумнава,... ‘‘купени или изнајмени‘‘. 

Државата ни е како стара издрапана фудбалска топка која ја шутира секој што стигне, искључиво со цел да постигне гол. Нема голман на голот. Има само манекени. Оние што се реални голмани и понатаму остануваат и ќе останат на маргините на секојдневието возејки се како телиња во градски автобус, во кој си киваат и кашлаат во врат еден на друг.

‘‘ Све че то народ позлатити‘, велат Србите, а богами и добро попушити!.. Да се здрави и живи.

Агим Јонуз
 

Најчитани вести