Најдобриот Адвокат специјализиран за кривични постапки во САД, неповторливиот професор по право на Универзитетот Харвард, Алан Дершовиц, изминативе 5 години се соочува со кривична постапка за сексуален деликт како дел од големата афера поврзана со бизнисменот Џефри Епсетеин и движењето #МЕТОО.

Дершовитц е обвинет од една 36 годишна жена, која изјавила дека во 2004 година била придружничка на гости на Епстеин на неговиот имот во Мексико и на Карибскиот остров, каде што била принудена да има секс со гостите на Епстеин, меѓу кои бил и Дершовиц. 

Ваквите постапки во Америка можат да се завршат и со спогодба склучена надвор од судот, која е проследена обично со милионски суми. По тврдењата на Дершовиц, наводната жртва е мотивирана од една адвокатска фирма од Флорида да поведе постапка против него, токму од финансиски причини. 

Алан Дершовиц, никогаш немал можност да се сретне или да се запознае со неа, со тоа не можел да ја познава и да има сексуален контакт, а сите наводи на жртвата дека сексуалните деликти по нејзино тврдење се случувале на Карибскиот остров на имотот на Епстеин или на неговиот ранч во Мексико се спротиставени со докази и непобитни факти дека Дершовиц никогаш не бил гостин на Епстеин, и не патувал ниту во Мексико, ниту на Карибите, каде што жртвата тврди дека имала контакти со Дершовиц.

Постапката е се уште во тек, шансите оштетената да го докаже делото се мали, наспроти доказите и аргументите на Дершовиц и секако, неговите извонредни и неповторливи способности како адвокат во судница.
 
Но, без разлика на исходот на спорот, професијата, здравјето, приватноста, фамилијарниот живот, честа, репутација и бизнис можностите на овој брилијантен правнички ум се уништени засекогаш, бидејќи круната која ја носеше како најдобар адвокат на денешницата е заменета со круна на сексуален предатор.
 
Секој би се запрашал како тоа во една држава како САД, каде навистина владее правото, ова е возможно!
 
Возможно е, затоа што и таму како и тука, се погласен е судот на толпата. Толпата осудува пред обвинетиот да е запознаен со делото што му се става на товар, без да се изведат докази на двете страни и аргументите.

Дершовиц нема простор во медиумите како порано, или има многу малку бидејќи доколку некој му отстапи медиумски простор тој медиум се етикетира дека е против движењето #МЕТОО, и дека на сексуален предатор му дава право на глас.
 
Како корисник на социјални мрежи секојдневно сум сведок на огромен број т.н. судии и поротници на Фејсбук и Твитер кои апсолутно немаат никакво правно знаење и познавање на факти од актуелни судски постапки, а си дозволуваат да обвинуваат да коментираат и да лицитираат со затворски казни.
 
Жално е што меѓу нив има и професори по право кои од случаите сепак знаат само за некои општи податоци за судските предмети, а си дозволуваат да етикетираат, обвинуваат и да негодуваат за исходи на постапките по тие судски предмети. Професионално и етички непримерно!

За жал, во оваа улога не преки суд, се и повеќето медиуми и медиумски работници, речиси без исклучок! 

И покрај многуте обуки за известување од судница, мојот впечаток е дека воопшто не знаат што е презумпција на невиност, известуваат аматерски со небитни вести од судница за постапката кои се од сензационалистичка природа, пред се заради непознавање на правилата на постапка, квалификациите и битијата на кривичните дела. 

Ова е и причина зошто никогаш во ниту една постапка во која јас сум бранител, не давам изјави надвор од судница, не одговарам на новинарски прашања и не се сликам пред камери!

Сметам дека ваквото постапување на новинарите, известувачи од судница е пред се грешка на нивните редакции и уредници, бидејќи не вработуваат компетентни професионалци. 

Само за илустрација, Вашингтон Пост има вработено бивш јавен обвинител, Дина Паул, како известувач за судски постапки. Адам Класфелд, известувачот за courthousenews e адвокат и редица други слични примери....

За среќа има неколку граѓански здруженија и претставници на мисијата на ОБСЕ кој ги следат постапките кои се во фокусот на јавноста преку нивни претставници кои се дипломирани правници прават извештаи за судските постапки и стручно известуваат, но имам впечаток дека нивните извештаи не стигнуваат до јавноста во потребна мера.
 
Минатата недела помина во фокусот на една пресуда за убиство во миг, во кој обвинетиот е 18 годишно момче, а жртвата е 17 годишно момче од Скопје.  

За убиство на миг, според обвинението кое го квалификувало делото, е предвидена казна затвор од една до пет години, а обвинетиот доби казна затвор во времетраење од 3 години. Колку голема казна и да изрече судот, животот на младото момче што загина нема да се врати, а висината на казната вака определена според обвинението, верувам дека е одмерена правилно, земајќи ги сите олеснителни и отежнителни околности.

Некаде забележав дека имало граѓански протест по повод оваа судска пресуда, што е законско право на секој граѓанин, но не видов да се организира некој собир за поддршка на толеранцијата помеѓу младите, ненасилното однесување и посебно борба против булингот, како особен проблем на младите во денешницава и причина за вакви трагични настани.
 
Замислете си утре вашиот брат учесник во тепачка да му нанесе повреди на некој кој можат да резултираат со смрт, замислете дека вашата сопруга можеби некогаш ќе биде соочена со обвинувања за злоупотреба на службена положба и овластување, замислете дека вас утре некој може да ве обвини за сериозно кривично дело и за тоа да одговарате без разлика дали сте сторител или не сте сторител на кривичното дело што ви се става на товар, а од јавноста да бидете осудени уште пред да ве изведат пред суд...

Во последниве години, зачестени се судски постапки кои се интерес на јавноста. Јавноста мора да знае кој и за што се суди, какви докази има против него и какви аргументи судот ќе даде во образложение на пресудата. Нај на крај, пресудите се носат во име на граѓаните, не во име на избрани судски функционери. 
 
Правото е комплексна наука. Право се студира 5 години, а се учи цел живот.

Законските решенија не се идеални, но секогаш мора да се почитуваат. Исто како што треба да се почитува личноста на секој обвинет, па макар нека е и сторител на тешко кривично дело. Во демократски општества, правдата е на пиедестал.

Ако постојат судии или јавни обвинители, кои се некомпетенти, преку инситуциите во правосудниот систем треба да бидат разрешени, но за ниедна одлука која е донесена, посебно не правосилна, сметам дека приватноста на судиите не треба да биде вадена на тапет и да не бидат анатемисувани во јавноста уште пред писмено изготвување на одлуката!

Ниту еден обвинет не смее да биде огласен за виновен затоа што притисокот на јавноста е поголем од тежината на доказите кои се презентирани против обвинетиот.
 
За крај, драги Фејсбук И Твитер судии и поротници, Ви гарантирам, дека нема понестручен, позависен и полош суд од судот на толпата и искрено не ви посакувам на никој од вас утре тој суд да ви суди во некоја друга постапка!

Анита Бегова, адвокат

Најчитани вести