Со работа на муралот за Крале Марко во Велес, Стрип центарот на Македонија од овој град, започна со имплементација на проектот „Mуралот како културна и туристичка знаменитост во Велес 2020 г “. Проектот е во рамки на годинешната програма на Министерството за култура.

„Оваа година ќе се изработи стрип мурал на површина од 33м/2. Мотив за цртање на муралот е Крале Марко и се работи на веќе познатата локација во близина на Градскиот саат, меѓу два веќе изработени мурали. Се работи со акрилни фасадни бои и специјални четки од страна на веќе воиграниот тим: Ване Трајков (како главен цртач) и Анита Гочева и Горан Мазнев (асистенти)“, истакнува Томе Трајков, координатор на проектот.

Како што посочува тој, ова е вторпат Министерството за култура да поддржи ваков проект од страна на Стрип центарот на Македонија кој досега веќе има изработено 5 мурали на фасади во градот.

„Овие стрип мурали, први од ваков вид во Македонија, се протегаат на различни локации и се вистинска атракција за жителите на Велес, но ја збогува и неговата туристичка понуда. Праксата на цртање на мурали е многу честа во светот, посебно е интересен градот Ангулем/Франција откаде ги добивме првичните идеи и искуства. Праксата на изработка на мурали низ Велес ќе продолжи и натаму и се надеваме дека интерес за овој тип на творештво ќе се пројави и низ други градови од државата“, додава Трајков.

Најчитани вести