Деновиве повторно работи Зоолошката градина, која беше затворена поради пандемијата на коронавирусот. Оваа година, 2020-та се навршуваат шеесет години од еден необичен настан поврзан со Зоолошката и со Градскиот парк. Тоа беше уште еден повод да се потсетиме на една невообичаена и дури неверојатна драма што се случила во скопскиот Градски парк летото 1960 година.

Поновите и новите генерации веројатно и не слушнале за тој настан. Што, всушност, се случило? Текстов и приказната содржат многу куриозитетни детали, кои се одвиваат како на филмска лента.

Еден топол ден, службениците од Заводот за рибарство, кој се наоѓал во паркот, одејќи на работа, забележале дека нешто чудно се ниша на гранките од дрвјата. Тоа било шимпанзо, кое скокало од дрво на дрво. Не можеле да им поверуваат на своите очи: глетката им личела на онаа од африканските џунгли.

Репортерот од тогашниот печат сликовито ја опишува таа случка, преку видувањето на зачудените службеници од она што ја виделе: „Одејќи полека по насипот, забележавме нешто како се провлекува по дрвјата, скока од едно на друго и силно вреска. Тоа беше шимпанзо. Да ви речеме право, и нѐ фати малку страв. По едно време, ете го шимпанзото на насипот. Нѐ следеше на неколку чекори. Ќе застанеме ние, ќе застане и мајмунот. Како во џунгла. Дојде со нас до зградата каде што работевме.

По едно време фати да ни ги тресе сливите. Се собори. Меѓутоа, шимпанзото го немаше кога пристигнавме во заводот. Милева се вратила во резерватот. Додуша, не доброволно: нејзиниот стар чувар Никола Шиповски ја вратил на измама. Штом го видела, шимпанзото побегнало на дрво. А да се бркаш со мајмун од дрво на дрво – секако не оди! Никола се снашол: почнал да плаче. А тие двајцата се стари пријатели, и Милева веднаш се симнала кај својот пријател да види што му е. Тој неа со убаво ја зел на рамо и право во Зоолошката градина“.

Ете, така, мајмунката Милева се шетала низ скопскиот парк, и тоа не ѝ било првпат да избега. Претходно, постоела голема љубов меѓу неа и шимпанзото, со кого биле заедно донесени во Зоолошката градина во Скопје. Двајцата често бегале од кафезот и се шетале во природа, а очевидците велат дека се враќале назад, држејќи се за рака. Но поради болест, нејзиниот партнер загинал. Тагувајќи по својот сакан, мајмунката Милева станала агресивна и непредвидлива. Продолжила сама да бега од кафезот, и тоа речиси на неверојатен начин – ги свиткувала железните шипки и излегувала надвор.

Нејзината сила била огромна и таа станала опасна по околината. Наредното бегство било особено драматично и за малку ќе завршело фатално. Еден ден, истото тоа лето, мајмунката избегала околу 14 часот и шетала низ Градскиот парк.

По игра на случајноста, познатиот фоторепортер Томе Димовски-Бучки поминувал низ паркот за да оди на плажа. За необичниот настан, тој денес раскажува: „Одев со велосипед на Градска плажа, а со мене го носев и фотоапаратот. На едно место, беа собрани многу деца, а во средината беше избеганата мајмунка. Така ја направив таа антологиска фотографија, која ја објави весникот ’Нова Македонија‘, но и други весници во поранешна Југославија“. Сепак, вистинската драма се случила дури во вечерните часови кога започнало да се стемнува.

Движејќи се околу кафената „Кермес“, мајмунката Милева забележала бебе во количка, му се приближила и грабнувајќи го, заедно со бебето, се искачила на најблиската топола. Според пишувањето на печатот и очевидците, таа го искористила невниманието на таткото, кој во меѓувреме се обидел да го заштити поголемото дете што трчало напред. Настанала тревога.

Дошла милицијата, спасувачи со рефлектори, бидејќи веќе се стемнило. Чуварот Никола Шиповски ѝ довикувал на мајмунката: „Милева, дај ми го детето“, обидувајќи се да ја одоброволи. По извесно време, таа го спуштила бебето, кое противпожарната милиција безбедно го пречекала во раширеното ќебе.

Детето било префрлено во болница и, за среќа, и покрај повредите, животот му бил спасен. Очевидец на настанот била Царевка Лазаревска, која веднаш влегла во кафеаната и по телефон ги известила органите за безбедност.

Во јавноста, со право, се јавиле голем број критички забелешки за настанот: „Дали беше потребно да се случи оваа тешка драма? И кој ќе биде одговорен?“ Во написот „Неодговорност“ стои и следново: „Пред драматичната случка, мајмунката бегала пет-шест пати.

Тоа било доволен сигнал да се преземат посериозни мерки, но не биле преземени… Завршната драма во Градскиот парк ја дополнува и повредениот стар чувар Никола Шиповски. Тој, гонејќи ја избеганата мајмунка да се врати во кафезот, настрада во една дупка. Паѓајќи, пензионерот Шиповски скрши едно ребро, и сега и тој, како и петмесечното доенче, се наоѓаат во болница“.

На крајот, што се случило со мајмунката Милева по сета оваа драма? По настанот, Милева се доближувала до Зоолошката градина, но тврдоглаво се враќала назад. Со своето однесување не оставила никаква можност да преживее: „Органите на безбедноста, пожарникарите и чуварите го продолжиле своето настојување да го натераат шимпанзото да се врати во својот кафез.

Милева неколкупати била прогонувана до Зоолошката градина, но пак успевала да се оддалечи. Било веќе доцна околу полноќ, кога гонителите изморени биле принудени да ја убијат мајмунката“. Така завршила оваа несекојдневна драма, во едно долго скопско лето во 1960 година.

(Данило Коцевски, Нова Македонија)

Најчитани вести