20 години музичка кариера, 20 години јубилеј... сосема доволен повод за голем солистички концерт. Музичко патување низ времето во кое Дани ќе ни подари одлична музика. Многу хитови кои ќе ги чуеме во ново руво, заедно со филхармониски оркестар... Вели, периодов размислува за себе и преслушува свои стари хитови. А возбудата е голема, но и стабилна... еве што уште ни кажа Дани во пресрет на својот прв солистички концерт закажан на 7 март во Македонската филхармонија...

 

20 години музичка кариера се одличен повод за концерт, со оглед на тоа дека сега си буквално среде подготовки дали можеби некогаш си рече ’Дани не ти требаше ова’ со оглед на тоа дека организацијата не е воопшто наивна работа?

Дани: Поводот е само повод и ми претставува задоволство од енормно значење, но најважна е целта за овој свечен чин, а таа е поврзување и споделување..., а подобар начин за сплотување од музика чинам дека не постои.

 

 

Што е она за што размислуваш периодов, кои се твоите стравови, а што е она што во тебе буди возбуда и можеби заради што едвај чекаш да застанеш на сцената?

Дани: Во мислите ми поминуваат сите драги луѓе, соработници, пријатели кои се нашле на патот... Размислувам за себе… Преслушувам стари свои песни. Возбудата е голема, но и стабилна. Со душа го чекам 7 март да си раскажеме емоции преку музика.



Како дојде на идејата за ваков концертен концепт, зошто рок симфонија и зошто филхармонија?

Дани: Одамна замислував ваков концепт, но, веројатно, поводот требал да пресече...Филхармонија поради одличниот акустичен звук, а рок симфонија исклучиво поради себе карактерот.



Што точно ќе се случува на сцената и во поглед на репертоарот, односно она што ќе го чуе публиката, но и она што ќе го види?

Дани: Ќе бидат отпеани нови и стари песни во различно руво, во придружба на филхармонискиот оркестар предводени од диригентката Бисера Чадловска. Ќе славиме македонска музика..

Какви беа реакциите на колегите кога се појави информацијата за твојот концерт?

Дани: Вниманието ми е кон публиката, а колегите се поддршка.



Периодов ќе се случуваат концерти на неколкумина твои колеги, па дали постои доза на ривалство, страв или можеби среќа дека работите конечно мрднуваат од мртва точка?

Дани: Пресреќна сум за дузината концерти кои се најавија токму во овој период. Ќе гледам да присуствувам на сите како поддршка. Нека македонската музика си го заземе заслуженото место во својата земја.



И за крај, какви се твоите очекувања за концертот и дали е вистинското време за концертна доза од Дани?

Дани: Очекувања немам. Посакувам насмеани лица и љубовна атмосфера. А вистинско време за музика, за нас е секогаш СЕГА…

1

Најчитани вести