Ако се погледнат статистичките податоци објавени од Агенцијата за вработување, во април бројот на невработени е поголем од претходните месеци.

Пандемијата со Ковид - 19 доведе до тоа да имаме зголемен број на невработени во Македонија. Во април, без работа биле 114.762 невработени, а во март таа бројка изнесувала 107.732, додека во февруари бројот на невработени бил 105.816.

Голем број работници ги изгубија работните места во периодот додека земјата е во вонредна состојба, на сила е полицискиот час, а во одредени сектори или воопшто не се работеше или работата беше сведена на минимум. Во големите градови како Скопје, Тетово и Куманово, вообичаено бројот на невработени е најголем.

Донка Спасовска, сопственичка на агенцијата за посредување при вработување „Хоризонт“, вели дека во мај и јуни најверојатно ќе имаме уште поголем број на невработени, затоа што приватниот сектор е на удар.

„Приватниот сектор кој пред кризата броеше околу 550.000 вработени, како доминантен е најпогоден и е оставен самиот да се бори затоа што мерките за помош не се компетитивни. Ако ова потрае едноставно многу фирми со повеќе вработени не можат да издржат од свој џеб да ги покриваат трошоците“, додава Спасовска.

Таа објаснува дека работодавачите би можеле месец или два да ги покриваат трошоците за работниците иако не работат, но на подолг рок тоа не е можно, а посебно затоа што се очекува и втор бран на заразата наесен.

Но, сликата е иста и во регионот, па и пошироко. Пандемијата доведе до раст на невработеноста глобално.

Најчитани вести