Четириесет и пет проценти од македонските адолесценти имаат здравствено ментални проблеми, како незадоволство од животот, главоболки, нервоза, избувливост и проблеми со спиењето, стои во извештајот Здравјето и добросостојбата на адолесцентите во фокус, што го објави Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа. Извештајот го пренесе Институтот за јавно здравје, за кој велат дека содржи исцрпни податоци за физичкото здравје, социјалните односи и менталната добросостојба на 227.441 деца на училишна возраст од 11, 13 и 15 години, од 45 земји.

Критични точки на промени или застој во здравствените навики, ставови и однесувања на децата од три возрасти, како и разликите во периодот од 2014-2018 година, се лоцирани на неколку теми  како: ментално здравје, навики поврзани со исхраната, прекумерната тежина и физичката активност и социјално здравје и поддршка.

Адолесцентите имаат здравствено ментални проблеми почнувајќи од незадоволството од животот, преку психосоматските тегоби (главоболки, болки во стомакот, нервоза, избувливост и проблеми со спиењето) до долготрајните периоди на нерасположение и дисфункционалност, кои покажуваат пораст со возраста, со сѐ поголеми меѓуродови разлики, за сметка на девојчињата.

Наодите покажуваат дека секое второ девојче (45%) на 15 години чувствувало депресивни симптоми од најмалку две недели континуирано, како и неспособност (34%) во надминување на состојбата. Во споредба со резултатите од 2014 нема отстапувања, со мало подобрување кај момчињата, но само на 11 и 13 години, додека никакви разлики не се забележани во преодот од 13 кон 15 години, што е најклучното поле на транзиција кон зрелото адолесцентно доба.

„Нема здравје без грижа за менталното здравје, нема стабилни, задоволни и одговорни возрасни, без безбедни, вклучени, информирани и респектирани млади“, вели Лина Ќостарова-Унковска, главен истражувач и национален координатор на студијата. „Како што нема да биде неочекувано, како последица од кризата со КОВИД -19, да видиме и колку се ‘кршливи’ оние што немале безбедно и грижливо детство“, додава таа.

Висока е пропорцијата на ученици кои имаат најмалку еден заеднички оброк дневно со своите родители, во споредба со европските просеци. И покрај тоа, нашите деца се сѐ уште, како и во последните 10 години, меѓу првите во Европа кои секојдневно јадат слатки и пијат газирани пијалаци, и што имаат прекумерна тежина (особено момчињата).

„Изборот на нездрава храна не се намалува со возраста, туку напротив се зголемува, и не се врзува со имотноста на семејство. За разлика од тоа, секојдневната исхрана со зеленчук и овошје, е многу почеста појава меѓу имотните, отколку кај сиромашните“, стои во извештајот.

Мнозинството млади во Македонија живеат со двајцата родители (83%). Довербата во семејството, и отвореноста да се разговара со мајката и таткото на теми што ги загрижуваат младите е висока. Со возраста се намалува отвореноста кон таткото, и тоа многу почесто се случува кај девојчињата.

Во поглед на приврзаноста кон училиштето, учениците од Северна Македонија, кои со години беа на врвот помеѓу 40-тина земји од Европа, Америка, Канада и Русија, во последните 12 години покажуваат континуиран пад во интересот за училиште. Падот се зголемува и со возраста, и кај двата рода, за да доведе до приврзаност од само 29% ученици што го сакаат училиштето. Во поглед на имотноста, најниско имотните девојчиња, најмногу го сакаат училиштето, додека најимотните ученички се најмногу оптоварени со училишни задачи. Поддршката меѓу соучениците е сѐ уште висока, но поддршката од наставниците опаѓа со возраста на децата, и е најниска на нивните 15 години, тогаш кога им е најпотребна. Поддршката многу побргу опаѓа кон девојчињата, во споредба со момчињата.

Извештајот наведува дека сексуалното здравје и семејно насилство се табу теми за кои со младите не се разговара. Наодите покажуваат големи меѓуродови разлики, што се пресликуваат во нивните одговори. Северна Македонија е меѓу петте земји со највисока родова диспропорција во сексуалните искуства меѓу момчињата (38%) и девојчињата (4 %) кои пријавиле сексуални односи до својата 15-та година.

„Овие разлики се должат на стриктните родови норми и улоги што им се припишуваат на момчето и девојчето во нашата заедница“, вели студијата.

Во поглед на заштитата, 1/3 од сексуално активните млади во Македонија не користеле никаква заштита /кондом или контрацептивни пилули/ при последниот сексуален однос. Семејното насилство, истражувано во 8 земји-членки на Студијата, открива висока пропорција до 35% од децата од Северна Македонија, со искуства на какво било насилство во семејството (физичко, вербално, занемарување, сексуално вознемирување и злоставување) со зголемување на стапката, со возраста на децата. Притоа, момчињата пријавуваат почеста изложеност на семејно насилство од девојчињата.

Извештајот ги прикажува наодите од Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (ХБСЦM), што се спроведува секоја четврта година под раководство на  Ќостарова-Унковска од Центарот за психосоцијална и кризна акција (ЦПКА) – Малинска, во тесна соработка со Институтот за јавно здравје, Министерството за образование и наука, и Министерството за здравство на Северна Македонија.

Најчитани вести