Германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ се извини за расистичката реклама за новиот „голф“, во која еден човек со темна кожа гледа во нов жолт автомобил, а потоа бела рака го крева и го трга од автомобилот.

Повнимателните гледачи не пропуштија да забележат дека продавницата во рекламата се нарекува „Мал колонијалист“.

Откако рекламата од десетина секунди се појави на социјалните мрежи, луѓето ја преплавија компанијата со бесни коментари.

„Фолксваген“ соопшти дека го разбира гневот што го предизвикала рекламата и дека некој ќе биде казнет.

„Без сомнение, видеото е несоодветно и невкусно. Ние ќе испитаме како се случило вакво нешто и ќе има последици“, соопштија од таму.

На компанијата не ѝ оди во прилог фактот дека многумина потсетуваат дека „Фолксваген“ е основана од нацистите со цел производство на „народни автомобили“.

Компанијата посочува дека заради нивната историја, секогаш се обидуваат да се борат против сите форми на расизам, ксенофобија и дискриминација.

извор: Makfax

Најчитани вести