Продолжува „теленовелата“ околу пристапот до спомен-плочата на Мајка Тереза на скопскиот плоштад. Првин немаше пат кој води до неа, но по бројните реакции, вчера беа поставени неколку плочки за „колку да се каже“. Како беа поставени така и беа извадени.

Директорот на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците, Скендер Асани, најави преземање мерки ако не биде изграден пат до спомен-плочата на Мајка Тереза.

„Доколку се остави настрана ова и се манипулира со нашата реакција, ние ќе ги користиме и другите институционални и граѓански реакции“, истакна Скендер Асани.

На низата реакции им се приклучи и Спомен-куќата на „Мајка Тереза“, Универзитетот „Мајка Тереза“ и Здруженијата „Мајка Тереза“ во Струга и Скопје. Дебатата околу блокирањето на пристапот до плочата на светската хуманистка трае веќе една недела, но за ова прашање сѐ уште не е изнајдено соодветно решение.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денес, пак, најави дека ќе биде направен соодветен пристап до спомен-обележјето на Мајка Тереза и дека со тоа ќе се излезе во пресрет и на барањета на Здруженијата за заштита на ликот и делото на Мајка Тереза да имаат непречен поплочен пристап до спомен-обележјето.

Прашан, пак, за плочките кои беа поставени на место на плоштадот кај зелениот парк, а потоа истите и беа повлечени, Шилегов одговори дека станува збор за расходована опрема, и не претставува трошење на јавни пари во приватен имот.

Пристапот до спомен плочата беше блокиран од зеленилото засадено од засега анонимна компанија. Уследија бројни реакции од јавноста, барајќи да се изгради пат за туристите да можат да се доближат до плочата на спомен-куќата на Мајка Тереза.

Извор: ТВ21

Најчитани вести