Иако според аналитичарите македонскиот прием во НАТО е голема геостратешка победа на Западот над Русија, сепак Москва е сега како ранета мечка, а народната мудрост вели дека од мечка е поопасна само ранета мечка.

Македонија е во НАТО, Алијансата се шири, а Русија реши да остане на поразената страна обидувајќи се од чист инает да уништи се. Тоа го правеше изминативе години, а ќе се обидува пак да го направи, бидејќи конфронтирањето со Западот ѝ е својствено на Москва. Вака уредникот на „Карнеги Москва“, Максим Саморуков, ја анализира моменталната ситуација на релација НАТО-Македонија-Русија, оквалификувајќи ја Москва како губитник во „македонската битка“ и давајќи ѝ на Македонија епитет на геостратешка победа на Западот над политиката на Кремљ.

„Така беше и во случајот на Македонија. Москва падна на големиот гнев кон Западот, а малата балканска држава стана симбол на геостратешка победа“, напиша Саморуков во својата анализа објавена во угледното „Московско време“.

Кремљ во стилот на Достоевски

Според него, иако Русија во случајот со Македонија одиграла целосно во стилот на Достоевски - колку повеќе напорите се безнадежни, толку е посладок самонанесениот пораз – сепак предупредува дека Москва иако ја загубила оваа битка, нема да остане должна и ќе гледа да ја искористи секоја нова шанса за да поентира, колку да е тоа бесмислено и колку и да е тоа заради туѓи фрустрации.

„Светските медиуми зборуваат за нов пораз за Русија, наведувајќи дека НАТО го надминал рускиот отпор и повторно се шири на Балканот, поздравувајќи ја Македонија во своите редови. На крајот на бајката сите 29 членки на НАТО ќе го потпишат протоколот за членство. Среде оваа идилична сцена, Русија е оставена да ја одигра улогата на злобната самовила, која се обиде да ја уништи прославата за сите од чист инает, но доживеа тежок пораз. И како во бајката, среќниот крај за Македонија и НАТО беше очигледен уште од самиот почеток. Сепак, Русија избра да застане на страната осудена на пропаст“, вели Саморуков.

Рускиот аналитичар додава дека „сето ова се претворило во уште еден извор на иритација во и онака оптоварените односи меѓу Русија и Западот.

„Обидот на Русија да се спротивстави на неизбежното само го забрза неговото напредување, додавајќи уште една капка меѓународно понижување за Русија и нанесувајќи штета на нејзините интереси во регионот“, вели Саморуков во анализата.

Бездникин: Да бидеме пријатели колку што ќе дозволи Македонија

Сепак, официјална Русија и понатаму останува на тврдењето дека таа никогаш не ѝ се мешала на Македонија и дека сака унапредување на односите.

“Никогаш не сме наметнувале ништо, не сме се мешале во внатрешните работи ниту имаме намера да го правиме тоа во иднина. Русија се залага за натамошно унапредување на соработката со Македонија, толку блиска и интензивна колку за тоа е подготвена македонската страна за проширување на истата“, рече рускиот амабасадор во Скопје, Сергеј Бездникин, по повод 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Руската Федерација и Република Северна Македонија.

Москва нема да мирува

Колку и да е ова голем геополитички пораз за Кремљ, велат експертите, Москва нема да мирува. Тие во оваа ситуација ја споредуваат Русија со ранета мечка и со поговорката дека поопасно од мечка е само ранета мечка. И не само по прашањето на ширењето на Западот на Балканот и проширувањето на НАТО со нови членки како Македонија, туку и на други геостратешки полиња, како на пример најактуелното – во Венецуела, за каде адмиралот Крег Фолер, лидерот на Заедничката команда на морнарицата на САД за регионот на Централна и Јужна Америка, исто така Москва ја спореди со ранета мечка.

„Русија е всушност повредена, ослабена мечка што напаѓа”, коментираше адмиралот Фолер.

Дека мечката нема да мирува, се сложува и еден од најдобрите познавачи на политичките прилики на Балканот, кога станува збор за руската геостратегија – Јанош Бугајски. Според неговите анализи, Кремљ годинава ќе се обиде да биде што поприсутен во регионот со советодавни добронамерни улоги со намера да се истисне Западот.

„Целта е да се искористат интересите на Кремљ, а да се намали улогата на САД и на НАТО во регионот“, вели Бугајски.

Ова само потврдува дека една од омилените „шеги“ на рускиот претседател Владимир Путин, дека мечката никого не прашува и не клекнува пред никого, не е само негова омилена изрека туку и порака.

(Дојче веле)

1

Најчитани вести