Корона кризата се почувствува и во работењето на катните гаражи во главниот град. Според податоците од Јавните претпријатија кои стопанисуваат со катните гаражи, може да се увиди дека приходите на сите катни гаражи им се намалени за околу половина, а некаде и повеќе од половина во март и во април во однос на претходниот период. Речиси идентична е состојбата и доколку се споредуваат бројките на годишно ниво.

Катната гаража Беко која е во сопственост на Јавното градско претпријатие „Градски Паркинг“ во првите два месеци од годинава во својата каса инкасирале речиси три милиони денари. Односно во јануари нешто над 1,5 милиони денари, а во февруари 1,3 милиони денари. Преполовување на средствата се забележува веќе следниот месец, а сериозен пад на приходите има во април кога граѓаните купиле карти за катната гаража во вредност од без малку 500 илјади денари. Во март и април ланската година во гаража Беко се наплатувале дневни и месечни  билети во вредност од речиси 900 илјади денари.

Втората катна гаража на Град Скопје која се наоѓа кај поранешниот цветен пазар исто така има преполовен промет ако се споредат првите два месеци од годинава со март и април. Ако во јануари и февруари прометот достигнал над еден и пол милион денари, следните два месеци е забележан драстичен пад на прометот.

Јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор раководи со катните гаражи „Разловечко востание“, „Солунски конгрес“, „Смилевски конгрес“ и катната гаража „Кресненско востание“. „Разловечко востание“ или гаражата која е спроти ГТЦ во јануари наплатиле билети во вредност од над 700 илјади денари, следниот месец нешто повеќе од половина милион денари. Но податоците велат дека во следните два месеци односно март и април прометот драстично им се намалува особено во четвртиот месец од годинава. Во март, нешто над 300 илјади денари влегле во нивната каса, а во април едвај 120 илјади денари. Интересни се податоците за оваа катна гаража кога би ги споделиле бројките на годишно ниво со месец април лани.  Може да се забележи дека оваа година има поголема наплата, но тој податок од Јавното претпријатие го објаснуваат со фактот дека голем дел од граѓаните кои имале месечни карти на отворениот паркинг кој е веднаш до катната гаража се префрлиле токму во „Разловечко востание“ бидејќи отворениот паркинг повеќе не бил во надлежност на претпријатието. И тоа велат е само еден од факторите за повисоката наплата годинава.

За катната гаража „Солунски конгрес“ која е на кејот на реката Вардар од добиените податоци може да се види дека најголема разлика во остварениот промет има во месеците февруари – април. Во вториот месец од годинава прометот за малку ќе достигнал и двесте илјади денари, два месеци подоцна биле наплатени само 26 илјади денари. Според анализираниот период најдобра наплата оваа гаража имала лани во март кога инкасирале над 250 илјади денари. „Смилевски конгрес “ која се наоѓа кај мостот „Гоце Делчев“ има одлични три месеци во однос на наплатата на билети годинава. Од јануари до март секој месец на нивното конто се реализирани близу 300 илјади денари. Драстичен пад оваа катна гаража има во месец април кога се наплатиле само 24 илјади денари.

Подземната гаража која е кај МНТ или „Кресненско востание“ иако е со намалени приходи, може да се пофали со добра наплата во месец април во однос на останатите катни гаражи кои се под Јавно претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор. Ова се и податоците за гаражата „Кресненско востание“.

Јавното Претпријатие Паркинзи на Општина Центар стопанисува со една катна гаража – „Судска палата“. Поради епидемијата предизвикана од Ковид-19 нето приходите на катната гаража „Судска палата“ се значително намалени. Нето приходите во март 2020 година на катната гаража за наплата на дневни и месечни билети изнесуваа над 200 илјади  денари, а во април за околу 100 илјади помалку. Во јануари истата година катната гаража имаше  приходи од близу 350 илјади денари а во февруари близу 370 илјади денари. Споредбено со ова,  приходите на катната гаража за наплата на дневни и месечни билети во март и април лани изнесуваа над 300 илјади денари.

Катните гаражи во Скопје за  месечна паркинг карта наплатуваат помеѓу 1000 и 1800 денари, додека пак еден час паркинг се движи до 40 денари.

Најчитани вести