Насловот на колумната е намерно напишан како таков. Метафора е тоа За да удри шамар на подзаспан војник во рововите на современата војна.. За ‘‘сезнаечки  по професија интелектуалци‘‘  кои сметаат дека само смртно сериозен текст е чистиот субстракт на менталниот универзум.  Има нешто што се вика виножито, кое само по себе е неменливо во својот колорит. Тоа што некој ја гледа само румената страна на боите не значи дека оној што го гледа синиот спектар лаже дека стварно гледа. Тоа е гола вистина. Кој ја сака вистината? Кому таа треба во време на само една потребна боја. Потребна, а погребна. Бојата на залезот на умот.

Стенка ли Ленка. Стенка него како! Ама не од тоа што во затворените перверзни умови им се случува на читателите на оваа колумна. Стенка од расипан стомак низ кој минуваат конзерви купени за опстанок во карантин. Од стрес. Од бол. Од психоза која ја опседнува во долгите ноќи поставувајки и проклето прашање на кое Ленка нема одговор. Тоа е прашањето ‘‘што утре‘‘!? Од стегањето во грло за еден уништен сон за себе, за децата, од агресивната фреквенција на информациите од медиумите во кој не знаеш што е гола вистина а што е убаво облечена лага. Од милозвучниот глас на трубадурите на екраните кои ветуваат пат кон еденската градина, само доколку нив ги фатиш за рака и молчиш дур те водат. Од фрустрацијата што се свесни дека лажат додека на децата им даваат надеж цртајки им соништа дека еден ден ќе бидат успешни луѓе. Од смрдеата на прашината што ја дигаат јавачите на апокалипсата галопирајки во етерот, во земјата, водата,... душата.

Пеат ли трубадурите? Пеат! На сет глас! А што пеат? Песни за тој што не знае да ги осети дека пеат фалш. Оние другите што знаат што е музика не им се потребни. Контрапродуктвни се затоа што гасат радио кога овие ќе запеат. Затоа што се плашат дека некој ги распознава дека не се трубадури, тоа е племенита категорија, туку дека се чобани кои не знаат ни кавал чесно да дувнат, а некој им да мандолина во раце. Од далеку се слуша оддек на камбани и повик за молитва ( Ezan) за да ги потсетат на гревот што им тече по жилите. Манипулација. Со се и сешто.

Која е разликата меѓу Ленка ( Раја) и трубадурите ( јавност, политика, пари)? Ленка е сеуште во налани! Старата иста Ленка што тргнала рано насабајле тутун да реди в монопол. Ленка сме во суштина сите ние заедно. А трубадурите?! Тие се еволуирани ‘‘добошари‘‘ кои некогаш со својот добош( тапанче) собирале раја на сред село за да им кажат ‘‘што е црно, а што е бело‘‘ во уќуметот. За да пренесат што одлучил царевиот двор по прашање на нивната иднина, по прашање на бериќетот кој се топи како снег напролет. Тие и не се свесни дека во моментот додека се дерат на сет глас, сред село, рајата му се подсмева затоа што гледа дека носи опинци кои очигледно цапале во лајна наместо по тревнати пољани. Рајата останува раја, а трубадурот обичен смртник кој за себе смета дека е пратен од небеси за да биде во центарот на вниманието, несвесен за минливоста на денот, кој вели ‘‘ кога ќе се стемни, ти пак ќе си останеш чобанче‘‘!

Некој од таму далеку седнат врз гајба пред самопослуга ја пее онаа песна ‘‘Лажи , лажи Вере, лажи кој ќе лажеш, само мене Вере, немој да ме лажеш‘‘. Замижува за кратко цуцлајки го дното од пивото во занес, а кое му вели ‘‘ испиј ме до дно‘‘! Пред очите ни игра калеидоскоп. Дури и виножитото има по дефинирани линии. Не знаеш што е што! Што е лага, што е вистина.  Но, народот сепак сака да го лажеш. Така утрата му се поубави, исто како на тој што го цуцла пивото затоа што тоа по неговите вени протекува лажна нирвана. До следното утро.

Живееме во лажна стварност. Во два паралелни света. Еден оној, во кој ползиме по млечниот пат на својот затворен универзум во душата и спознанието, и оној што ни е сервиран на маса за да го ручаме. Ашто има на маса? Не гледам ( вели ќоравото наше ‘‘јас‘‘)!? Има медиуми, апни си, колку толку ако не можеш да свариш се, бар малку касни за да не бидеш епен со празен стомак.

ПРЕЗЕМЕН ЦИТАТ:

Легендата од 19. век вели дека се сретнале еднаш Вистината и Лагата. Лагата ја поздравила Вистината со зборовите: "Денес е добар ден". Вистината се свртела околу себе, погледнала во небо и навистина денот бил добар. Некое време се шетале заедно, се додека не стасале до голем извор на вода. Лагата ја ставила раката во водата, се свртела кон Вистината и и' кажала: " Убава и топла вода", па ја прашала дали сака да пливаат заедно. Вистината пак била сомничава. Ја ставила раката во водата и таа навистина била топла. Двете пливале едно време заедно, кога од еднаш Лагата излегла од бунарот, ја облекла облеката на Вистината и исчезнала. Лута Вистината излегла гола, трчала насекаде, барајќи ја Лагата да и ги врати алиштата. Светот кој ја видел гола ја осудил на срам и бес. Кутрата Вистина, посрамена, се свртела, одползела кон бунарот за навек.

Од тогаш, Лагата патува по светот облечена како Вистина, задоволувајќи ги потребите на светот, кој никако не сака да ја види голата Вистина.

 "Istina izvire iz bunara", Jean-Leon Jerome, 1896.

Агим Јонуз

 

Најчитани вести