Живееме сред епидемија на корона вирус, означен како КОВИД-19. Во моментов влегуваме во најтешката фаза во кога секој ден има некој починат и просечно над 30 заболени дневно. Она што посебно загрижува е што имаме близу 15% заразени меѓу медицинскиот персонал, најмногу во регионот, а тоа значи дека и онака немоќниот здравствен систем е уште полош. Кога лекарите и медицинскиот персонал страдаат, не се заштитени, тоа значи дека ние не сме заштитени речиси воопшто.

Нема нови респиратори, спас за тешко заболените, иако три недели ни ветуваат дека само што не стасале, а и да ги добиеме после две-три недели тоа ќе значи загубени животи заради негрижа и неспособност на системот. Имаме и појава, веќе три случаи како во Куманово, Охрид и Велес, каде заразеноста со вирусот се констатирала отпосле, откако заболените починале. Тоа значи дека нема доволно тестирања, дали за да се создаде вештачки привид за помала заболеност, или заради неспосбност – сеедно.

Според напатствија на Светската здравствена организација СЗО треба да се тестираат најмалку 1% од населението, како во Словенија која досега има околу 27.000 тестирани. Во Македонија има само 4.700, и бројката на заболени не е референтен приказ. Тестови има доволно, само во приватните клиники ги има над 70.000, но нема тестирања. Кога нема доволно тестирања заболени лица пренесуваат вирус врз околината.

Изолацијата и полицискиот час се на сила но, како е во пракса. Системот, државата, не најде решение за дотур на пензиите до пензионерите на нивната домашна врата туку ги натера во три-четири дена да се стискаат еден преку друг пред шалтери на банките и да доживеат контакти и пренос на вирусот меѓу најризичната група. Во Куманово прогласија полициски час само четири часа пред тој да стапи на сила па гледавме кумановци кои, исто така, еден преку друг, набрзина се насобраа во маркетите. Градоначалникот на Куманово две недели дена бара карантин за градот, но не го доби на време, сега Куманово е најзаразен град во Македонија, според бројот на жители.

Минстерството за здравство, досега, не посети ниту една клиника ниту пак град кој се соочува со масовно заболени. Министерството за финансии, за економија или вицепремерката за економски прашања не објавија податоци колку луѓе се загрозени и не смеат да одат на работа заради наредбите и мерките на владата и вонредната состојба.

Плати

И, доаѓаме до платите. Ако се земе дека цели сектори како туризам, угостителство, трговија, култура или кладилници кои сами имаат 7.000 вработени ги затвориле своите капацитети по наредба на владата, не по своја воља, доаѓаме до бројката од најмалку 60.000 луѓе кои најверојатно за март и април нема да добијат плата и се соочуваат, во голем дел, со откази потоа. На овој број треба да се додадат уште најмалку 40.000 работници во големите фирми, пред се странските инвестиции, кои исто така не одат на работа и прашање е што ќе биде со нивните работни места по три месеци застој.

Државата не понуди решение за нив, нема финансиска помош каква може да се види во европските држави но, и во регионот. Владата понуди само 14.500 денари позајмица за секој вработен која треба да се врати во март догодина. Тоа не е помош, туку кредит каков фирмата може и сама да подигне од банка, и тоа на подолг рок за враќање.

Најавата од владата дека ќе се замрзне исплатата на рати за кредити и каматите во период од шест месеци – не се случи. Напротив, најголем профитер во ситуацијата се банките. Тие ги одложуваат исплатите на кредити за шест месеци но, ви пресметуваат камата и така дополнително заработуваат на кредитите со нивно продолжување. Работата оди до таа перверзија што банките им испраќаат понуда на клиентите дали сакаат да се откажат од таа опција, а не дали сакаат да ја прифатат. Ако не го видите мејлот, или малку се разбирате од електронска комуникација, вашиот кредит ќе се растегне и ќе платите шест месеци камата подолго отколку што ви е договорот за кредитот.

Ова не е согласно законот за облигации, и сосема спротивно од она што го најави владата. Но, ниту Народната банка, ниту владата не преземаа ништо да го заштитат законот и потрошувачите кои во оваа криза сега треба да плаќаат плус пари и за нови камати.

Иако се на власт три години СДСМ не го остварија ветувањето за просечна плата од 500 евра, платите под мандат на оваа влада се згоелмија само 2.200 денари и тоа, пред се, само заради вештачкото зголемување на минималната плата која, за потреби на изборите, се плаќа делумно од буџетот. Заради потрошените 170 милиони евра за избори и вештачко покачување на минималната плата сега буџетот е празен, нема пари за медицинскиот сектор и државата се наоѓа пред економски колпас.

Кога ВМРО ДПМНЕ дојде на власт, според Државниот завод за статистика, просечната плата била 13.700 денари, кога заминаа од власт во 2017 година просечната плата била 22.900 денари, тоа е зголемување на платите од 65%. Во 2006-та дури 15,2% од работниците не ја примале платата редовно, а во 2017 само 1,4% од работниците не примале редовно плата. Тоа говори за економскиот капацитет на таа партија.

Во 2019 година, под власт на СДСМ и ДУИ, просечната нето плата е 25.100 денари. Оваа власт ги зголемила платите во однос на претходната за само 2.200 денари, или помалку од 9,6%! И тоа со вештачкото зголемување на минималните плати кои делумно се плаќани од буџетот на државата, што значи без тоа зголемување скоро и да нема.

Во трите години власт на Заев со СДСМ немаше економски и финансиски кризи како во 2008 и 2009-та во време на власта на ВМРО ДПМНЕ. Највисокиот буџет на влада од ВМРО ДПМНЕ е во 2017 година, со износ од 3 милијарди евра. Буџетот на влада од СДСМ, во 2019 година, бил 3,5 милијарди евра, а за 2020 е скоро 4 милијарди евра. И покрај значително зголемениот буџет СДСМ не изгради ниту еден капитален објект, за разлика од власта на ВМРО ДПМНЕ, а деновиве владата на СДСМ објави дека има буџетска дупка од 1,4 милијарди евра според министерството за финансии, или 2,2 милијарди евра дефицит според Зоран Заев и екс вицепремиерот Анѓушев. Тоа е кусок од половина буџет за кој никој не објаснува каде исчезнале парите што ги нема сега кога треба да се помогне на семејствата, работниците и фирмите заради вонредната состојба на владата.

Србија објави дека има 5 милијарди евра, Бугарија исто толку, а Словенија 7 милијарди евра резерви на пари за санација на економските штети. Македонија има дупка од 2,2 милијарди евра, и ни евро за граѓаните, фирмите и семејствата. И тоа, без емоции и пристрасност, говори за капацитетот на оваа влада. Без оглед кој на која партија припаѓа или која поддржува, ќе остане без плата и пари во време и особено после кризата.

Се очекува, без финансиска помош од државата, најмалку 50.000 луѓе после кризата да останат без работа или со значително намалени плати, под услов да не се оствари најавата на Заев за кратење на платите на минималец за 120.000 вработени во јавниот сектор. Доколку и таа закана стапи на сила не очекува длабок економски колапс. Единствена надеж, во тој мрак, е дека наскоро следат избори и можен пресврт.

Пензии

 

Во Македонија има близу 325.000 пензионери за кои годишно се исплаќа околу 900 милиони евра. Во 2017-та, последната година од власт на ВМРО ДПМНЕ, просечната пензија изнесувала околу 14.000 денари. Во декември лани е објавено дека просечната пензија за 2019 година изнесува 14.600 денари, што значи дека владата на СДСМ ги покачила пензиите само 600 денари, или помалку од 5% за две години.

Со тоа запре праксата која владата на ВМРО ДПМНЕ ја имаше со години - пензиите да се покачуваат секоја година за 5-10%, и паднаа на само 2% годишно покачување. Пензиите растеле дупло помалку од платите. Но, оваа не е целиот проблем. Пензиите во време на СДСМ, освен што се намалени во однос на претходната власт и во однос на платите и инфлацијата, тие се и нестабилни.

Во 2019 година владата на СДСМ се соочи со немање пари за пензии бидејќи ги трошеа парите од буџетот на Фондови за иновации, тендери за хеликоптери кои ги нема и слично. Накусо, на непродуктивни дејности. Во 2019 година СДСМ направи трансфер на приватни во државни пари, и тоа над 160 милиони евра земени од граѓаните, така што осигуреници од приватниот втор пензиски фонд префрли во државниот прв пензиски столб за да има пари за сегашните пензионери. Овој упад во приватните пари на вториот приватен пензиски фонд никогаш не беше објаснет а парите заминаа кај државата.

Освен ова, тогашната министерка за социјална политика Мила Цароска објави дека во државниот пензиски фонд има проневера на 19 милиони евра но, нејзината изјава не заслужи ни истрага од обвинителството ниту објаснување кој и каде ги проневерил 19-те милиони евра на пензионерите. Пензиите се тема со која секоја власт на СДСМ имала проблем и проневерувала пари. Да се потстетиме и владата на Брано Црвенковски зема две пензии од пензионерите кои никогаш не им ги исплатија.

Пензионерите, и нивните блиски, се загрижени со право. Кај што оваа власт им ги намали пензиите во однос на минатата, сега може и да им доцни со исплатата и да следи ново нето намалување на сегашните пензии. Тоа го најави и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој рече дека може да се очекува намалување на пензиите во време на вонредните мерки под изговор за солидарност.

И, да ја затвориме анализата со почениот дел, епидемијата.

Епидемијата е нешто што не смее да изненади секоја организирана држава. Работа на администрацијата и власта е да бидат спремни за ваквите ситуации. Да имаат пари и кредити за санација на штетите и одржување на вработеноста и потрошувачката, тоа е резервната гума во автомобилот која сега ја нема затоа што ја продале. Власт која дала 2 милиони за вазелин за хомосексуалци, 60 милиони евра за Фонд за иновации поделени на партиски активисти и спонзори, или 1,5 милиони евра за донација на свои весници не смее да каже дека нема пари за респиратори, маски и амбулантни возила. За пензии.

Во Србија, држава слична на нашата по капацитет, во Белград се оснива фонд со кој се собраа пари од градот и од богатите фирми и на 173.000 пензионери во Белград им се носи до врата бесплатно пакет со храна потребна за денот. Фирмите имаат доверба дека државата нивните пари ќе ги искористи за таа цел, а не да ги проневери. Во Македонија пензионерите тоа нема да го видат, туку ќе бидат испратени во гужви еден врз друг на банкарски шалтер да ги подигнат пензиите, и да се заразат меѓусебно.

Кризата во која сме, а особено кризата која не чека во економијата и финансиите зависи од нашиот избор и кому ќе се даде поддршка да ја реши, и да донесе подобри услови за живот за сите нас, без оглед на етничката или партиска припадност. Да, кризата е тука но, изборот како и какви ќе излеземе од неа е во наши раце. Да им веруваме на бројките и сопствениот џеб, тие се најсигурните знаци покрај патот.

(vecer.mk)

Најчитани вести