Рекордни 3,3 милиони Американци минатата недела се пријавиле за надомест за невработени лица, што претставува најголем број откази во американската историја.

Досега рекордот беше од 1982 година, кога 695.000 луѓе добиле отказ во иста недела. Бројот од 3,3 милиони невработени е еден од бројните показатели на тоа како ќе влијае кризата со коронавирусот на американската економија, за која конгресот вчера одобри помош од два трилиони, односно 2.000 милијарди долари.

Пред три недели само 200.000 луѓе се пријавиле за невработени, што исто така било рекорд, но позитивен. „Њујорк тајмс“ пишува дека шокантниот број откази не ја отсликува реалната слика на американската економија, бидејќи голем број американски работници не можат да аплицираат за надомест, а се работи за оние кои работат на половина работно време, оние кои имаат многу ниски плати, самовработени и оние кои работат на договор на дело.

Аналитичарите очекуваат дека ова е само почеток и дека следните бројки ќе бидат попоразителни. Речиси сите сојузни држави воведоа делумни или целосни рестрикции на работата, поради што државата губи страшно многу пари, па претседателот Доналд Трамп најави дека веќе околу Велигден очекува укинување на рестрикциите и повторно придвижување на економијата со што не се согласуваат здравствените експерти.

Во Америка моментално заразени со коронавирусот се над 70.000 луѓе, а починаа над илјада.

извор: Makfax

Најчитани вести