Градоначалникот на Бергамо, Џорџо Гори, изјави дека сите 40 илјади навивачи што присуствувале на фудбалскиот натпревар Аталанта – Валенсија, одигран на 19. февруари во Милано, се заразени со корона вирусот.

Во тоа време не знаевме што се случува. Првиот пациент во Италија беше на 23. февруари. Ако вирусот циркулирал, 40 илјади навивачи што беа на стадионот Сан Сиро се заразени. Никој не знаеше дека вирусот е меѓу нас. Многумина го следеа натпреварот во групи и имаше многу контакти меѓу нив. Вирусот се пренесувал од еден на друг – изјави Гори за шпанска „Марка“.

Аталанта и Валенсија играа на 19. февруари во дуел од осминафиналето на Лигата на шампионите, а со оглед на тоа што стадионот на Аталанта во Бергамо се реновираше, дуелот се играше во Милано, па голем број жители на Бергамо отпатуваа и присутвуваа на стадионот Сан Сиро.

Бергамо, од каде што е Аталанта, е најтешко погодениот град во Италија, а покраината Ломбардија е најтешко погодената во цела Европа.

Натпреварот Аталанта – Валенсија остави голем белег и на шпанскиот клуб. Од Валенсија на 16. март соопштија дека 35 отсто од екипата се заразени со корона вирус, што е најмногу од сите клубови во Шпанија.

Владата на Италија вчера објави дека само во последните 24 часа од вирусот починале 743 луѓе, со што вкупната бројка е 6.820 починати и 54.030 заразени.

Најчитани вести