Додека бројни земји од денеска ги засилуваат мерките против коронавирус, со најновите чекори што ги презеде Австрија за масовно тестирање, Шведска има полежерен пристап-основните училишта се отворени , како и кафулињата и рестораните. 

Австрија одлучи масовно да ги тестира луѓето во наредните денови и недели да ги лоцираат и изолираат заразените за да го избегнат италијанското сценарио, објави канцеларот Себастијан Курц.

Досега Австрија, со население од 8,8 милиони, тестирала околу 28.400 луѓе. Речиси 4900 биле заразени, а 28 лица починале.

Австрија е една од првите европски земји што воведе строги ограничувања за движење и затворање на продавниците и училиштата, со оглед на тоа што ситуацијата во соседна Италија ескалира.

Австрија планира да тестира до 15.000 луѓе дневно во наредните недели, објави канцеларот.

„Ќе започнеме брзо да тестираме, со стотици илјади луѓе што е можно побрзо“, рече тој на прес-конференција.

Масовното тестирање е клучно за да се добие јасна слика за стапката на инфекција и сознание за тоа колку луѓе развиле имунитет на вирусот, објасни канцеларот.

Норвешка ги прошири ограничувањата на голем број јавни и приватни установи, вклучувајќи ги и училиштата и градинките, од денеска  до 13 април.

„Мерката што ја наметнавме се чини дека го успорува пренесувањето на вирусот, но ни треба повеќе време за да видиме каков ефект ќе има“, рече премиерката Ерна Солберг на прес-конференција.

Мерките, кои вклучуваат забрана за влез на странци кои не живеат и работат во Норвешка, првично беа воведени на 26 март.

Романија денеска  ја заостри полициската забрана за движење во обид да го спречи ширењето на коронавирусот, обврзувајќи ги граѓаните да останат дома во текот на денот, објави претседателот Клаус Јоханис.

Од утре Романците ќе можат да ја напуштат куќата во текот на денот само ако треба да купат храна или да одат на работа.

Мерката дополнително ја затегнува полицискиот час, што беше на сила во текот на ноќта.

Претседателот исто така им нареди на луѓето над 65 години да останат дома.

Во Романија досега од Ковид-19 починале осум лица.

Бројот на потврдени случаи скокна од 186, на 762, во рок од 24 часа. Закрепнале 79 пациенти.

Во исто време, Шведска избра поинаков пристап, оставајќи ги отворени основните училишта, рестораните и баровите што се преполни.

Овој контраст со другите европски земји во Шведска предизвикува сомнежи - што ако не е доволно?

„Не смееме да дозволиме страдањето на Вухан и Бергамо да се случи и во Шведска. Ова е ризик што крши еден од главните принципи на општеството: секој поединец одговара сам за себе “, напиша во неделата уредникот на дневниот весник Дагенс Нихер, повикувајќи на построги мерки и повеќе тестирања на населението.

Подоцна истиот ден, социјалдемократскиот премиер Стефан Лофвен, во телевизиско обраќање, ги повика сограѓаните да „преземат одговорност“ и да ги слушаат препораките на владата за работа од дома и социјална дистанца.

Шведските власти препорачуваат сите ризични групи да останат дома. Додека повеќе од две лица се забранети во Германија, во Шведска не треба да има повеќе од 500 лица на едно место.

Универзитетите и средните училишта сепак се затворени.

Владата во Стокхолм денеска ги принуди кафулињата и рестораните да ги ограничат своите услуги само со служење  на маса за да го минимизираат контактот меѓу гостите. Но, за повеќето животот се одвива со вообичаениот тек.

Во саботата навечер, кафулињата и рестораните во главниот град беа преполни, а толпата сè уште се движеше по улиците за време на најпрометните часови.

Сепак, како и во другите делови на Европа, шведските граници се затворени за сите.

Шведскиот парламент работи на усвојување на законодавство што ќе ги затвори основните училишта и градинките доколку е потребно.

Шведските медиуми  прашуваат зошто властите го прифатиле овој пристап против ширење на вирусот. Владата им одговара следејќи ги препораките на Агенцијата за јавно здравје со образложение дека е подготвена.

Велат  дека основните училишта сè уште не се затворени бидејќи постарите граѓани се тие што мораат да останат дома, а не децата.

„Штом Агенцијата побара да ги спроведеме решенијата, тоа ќе го направиме брзо“, објави шведскиот министер за здравство Лена Халенгрен кон средината на март.

Најчитани вести