Наместо административците да земаат минимална плата од 14.500 денари, намалувањето да биде само 10 проценти за месец март – ова е предлогот на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој смета дека е правичен и нема да удри по стандардот на вработените во администрацијата. Мицкоски побара од Заев да го повлече предлогот за минимална плата за сите, бидејќи со таа мерка според него ќе се продлабочи економската криза.

-Мерката за драстично кратење на платите преставува сериозен, повторувам сериозен удар за стандардот на вработените. И ова кратење требаше првенствено да започне од министрите, замениците министри, директорите, градоначалниците, именуваните функционери, а не во ист кош да се ставаат кога треба да има кратење на платите функционерите и работниците,истакна Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО ДПМНЕ.

Мицкоски предлага државата да покрие до 50 отсто од бруто трошоците за вработените, а не само нето платите како што предлага СДСМ. Смета дека позитивни резултати ќе даде и целосно замрзнување на каматите на граѓаните и бизнисот кон банките. Предложи и укинување на царински давачки и даноци за набавка на здравствени маски, средства за дезинфекција и уреди потребни за справување со корона вирусот.

- И дозволете да соопштам план како владата може да стигне до една милијарда евра свежи пари за да граѓаните и бизнисот не ја почувствуваат кризата. Покрај тие 600 милиони евра кои ќе се обезбедат преку позајмица од Светската банка, ММФ и Странските банки, дополнително може да се обезбедат околу 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде министерството за финансии, имено пасивниот капитал да се претвори во актива, вели Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО ДПМНЕ. 

За предлогот на министерката за правда Дескоска да се укине финансирањето на политичките партии за годинава, Мицкоски уверува дека ВМРО ДПМНЕ ќе даде поддршка, но само доколку најпрво владините функционери се откажат од своите плати и работат про боно до крајот на нивниот мандат.

Најчитани вести