Иако во моментов Германија е една од земјите кои се најтешко погодени од епидемијата, тие успешно се борат со стапката на смртност од корона вирусите. Според најновите резултати, во земјата се пријавени повеќе од 16.000 случаи на инфекција со коронавирус, како и само 44 смртни случаи, што значи дека стапката на смртност е 0,18 проценти, што е најниско во критичните европски земји.

Ова е значително пониска стапка на смртност отколку во Италија (8,3 проценти), Кина (4 проценти), Велика Британија (3,9 проценти) и Франција (2,9 проценти). Официјалните податоци ги објави Агенцијата за контрола на болести на Институтот Роберт Кох.

Ричард Пибади од Светската здравствена организација рече дека е тешко да се открие зошто е тоа така, и веројатно е комбинација на различни фактори. Голем број објаснувања беа понудени и од научниците, а меѓу објаснувањата најчесто се спомнува добрата организираност и достапноста на легла и медицинска логистика за интензивна нега во Германија.

Во моментот Германија има 25.000 легла за пациенти со респираторни проблеми со интензивна нега, што значи дека пациентите имаат можност брзо да закрепнат. Владата, исто така, рече дека планира да го удвои тој број во наредните недели, така што болниците не се преплавени со такви пациенти. Дури и хотелите и големите јавни сали треба да се приспособат за оние пациенти со поблаги симптоми, така што болниците се слободни да ги лекуваат тешко болните.

Освен традиционалната перфектна германска организација и дисциплина, Германија е подобро опремена од нејзините европски соседи. За споредба, Франција има само околу 7.000 легла за интензивна нега, а Италија 5.000. Има само околу 4.000 во Велика Британија и нивниот министер за здравство рече дека земјата има само 5.000 респиратори.

Еден од факторите зад ваквите резултати во Германија може да биде раното тестирање. Директорот на Институтот за вирологија во Берлин, Кристијан Дростен, вели дека тие ја препознале болеста рано и дека е применета добра постапка во однос на дијагностицирање и раното откривање.

Германија исто така има мрежа на соработнички лаборатории, од кои многумина започнаа со тестирање уште во јануари, кога бројот на случаи беше сè уште многу мал. Се проценува дека дури 12.000 луѓе можат да бидат тестирани во Германија дневно.

Секој што покажува симптоми, бил во контакт со некој за кој е потврдено дека има болест или неодамна се вратил од ризична област може да се тестира веднаш.

Исто така, за Германија е влијанието врз однесувањето на помладата и поздрава популација, за разлика од другите земји. Повеќе од 70 проценти од луѓето кои се заразени во Германија се на возраст меѓу 20 и 50 години. Исто како и во Скандинавија, првите случаи на зараза во Германија се пријавени кај луѓе кои неодамна се вратиле од скијање во Италија или Австрија.

Меѓутоа, во земја каде што скоро една четвртина од населението е над 60 години, постои страв дека бројот на умрените лица ќе се зголеми со натамошно ширење на вирусот.

Друго објаснување за успешна ваквата состојба во Германија дадоа италијански експерти. Тие тврдат дека ова може да биде фактот дека, за разлика од другите земји, Германија не ги тестирала оние што веќе починале. Ова значи дека ако некое лице умира дома додека е во карантин и не е хоспитализирано претходно, постои добра шанса тие да не бидат вклучени во статистиката.

Директорот на Институтот „Роберт Кох“, Лотар Вилер, вели дека Германија е во фаза на постојан раст на бројот на заразени лица и дека релативно нискиот број на починати сега би можел да се зголеми брзо.
- Очекувам дека болниците се подготвени. Ние сме на почетокот на епидемијата - рече Вилер. Тој ги повика граѓаните да се држат до мерките на сојузната влада и да избегнуваат социјални контакти.

„Можеме да ја забавиме инфекцијата само ако се задржиме на оддалеченост едни од други“, рече Вилер. Во исто време, тој го критикуваше ставот на голем број граѓани каде според една анкета на јавното мислење 25 проценти од Германците веруваат дека сегашните мерки се претерани и дека без основ се шири паника.

Овој викенд, кризниот кабинет на Ангела Меркел ќе ги преиспита острите мерки и ќе воведе забрана за движење во Германија. Во некои градови, како што е Фрајбург, ограниченото движење е веќе воведено и напуштањето на домот е дозволено само во случај да одите во маркет, аптека или канцеларија на доктор.

Најчитани вести