По обраќањето на  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по повод денешните случувања во Собранието, од СДСМ велат дека Мицкоски покажал оти е очаен губитник, а најголем пораз за него е што не успеал да го спаси својот шеф, Никола Груевски.

Според СДСМ денеска во Собранието, каде беше изгласан Законот за Јавното обвинителство, победиле правдата и извесната европска иднина на државата, а загубила одбраната на криминалот.

„Огромното мнозинство во парламентот постигна историска победа врз криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ. Желбата за правда ја победи желбата за крадење пари. Извршителот Мицкоски направи се да го спречи носењето на овој закон, да ги исполни желбите на неговиот шеф и да одбрани криминал. Не успеа! Не дозволивме да се загрози правдата, не дозволивме да се загрози европската иднина на земјата. Секој што се огрешил пред законот ќе одговара. Тоа е најголемата болка на извршителот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Тие еден чекор назад, ние три чекори напред“, велат од СДСМ.

Од владејачката партија додаваат дека за помалку од три години на власт, јавноста успеала да види што значат одговорност, храброст и работа во интерес на државата.

„Нема застанување, продолжуваме со крупни чекори напред. На 12 април граѓаните ќе порачаат: режим никогаш повеќе“, наведе СДСМ во реакцијата.

извор: Makfax

Најчитани вести