Концептот на оваа влада е очигледен: наместо одржување и надградба на јавниот сектор се применува негово руинирање и зајакнување на приватниот сектор онаму каде што државата има обврска да дава услуги за парите кои ги добива од буџетот. Или, со други зборови: укинување на јавниот сервис и усмерување на парите кон приватен сектор.

Пример - јавно здравство.

По Устав Македонија е социјална држава во која што секој граѓанин има право на државна здравствена услуга, од јавниот сектор, и за да го добие тоа сите плаќаме даноци. Ако граѓанинот има пари, и може да си дозволи приватно лекување тоа е негов избор, а не негова обврска. Обврската е на државата да му пружи здравстевна услуга бесплатно доколку се работи за неодлона потреба, или евтино доколку е нешто над тоа.

Сега министерот за здравство објави нов концепт: граѓанинот ќе се лекува онаму каде што може да плати!

А ако не може да плати? Дали ќе биде оставен да болува до смрт. Патем, зошто воопшто здравстевниот сектор добива пари од буџетот ако за тие пари не добива ништо освен министер со бирократија која ќе му каже дека бадијала плаќа данок за здравство, треба да си плати и лекување ако сака да оздрави или преживее.

Дека е работата во завршна фаза слушаме и деновиве. Ќе се затвораат болници ширум Македонија и, без сомневање, објектите кои се наменски ќе се даваат на приватниот сектор кој од нив ќе прави профит за себе, а целиот тој систем е изграднен од јавни пари на граѓаните кои од тоа нема да добијат - ништо. 

Клуч на врата ќе добијат десетици болници низ земјава. По премиерот Заев, ова го потврди и министерот Филипче. Моменталниот здравствен систем не чинел, а со отворање на вратите за приватни инвеститори ќе се подобрел, вели Филипче. Идејата е државата да не менаџира со зградите, а Фондот за здравствено осигурување само да купува услуги.

Има државни болници што не се целосно искористени, работат со мал капацитет, како што се оние во Кочани и во Кавадарци, каде нема пациенти, персонал, експертиза. За таа цел после изборите ќе почне широка физибилити студија за јавно-приватни партнерства во здравствениот систем пред се на болничко ниво, што ќе ги опфаќа сите дејности што сега се даваат на секундарно ниво, што се очекува да биде финализирана во јуни. Целта е да се направи ефикасен систем во кој ќе се ослободиме од непотребните трошоци за одржување на објектите.

Ова го изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека не постои никаква опасност да се затвораат болници, здравствени работници да остануваат без своите работни места, туку напротив се повеќе и повеќе ќе примаат луѓе во здравствениот сектор и не постои никаква можност, ниту опасност да се зголеми трошокот што граѓаните го плаќаат во форма на придонес за здравствено осигурување. Дали некој му верува? 

Кога болничките згради ќе се дадат на приватник, тој ќе вработува кого сака, според своите интереси. Филипче наведува дека државата ќе му плаќа на приватникот за услугите кои ги дава. Е, тука е вториот клуч за корупција. Државата одлучува кому и колку ќе дава, а приватникот има интерес согласно традицијата да плати коруптивни пари под маса на оној што одлучува. И ќе плаќа, како што секогаш било и е во вакви прилики. 

Потенцира дека овој модел на јавно-приватно партнерство ќе значи дека пациентите ќе имаат можност да изберат каде ќе се лекуваат согласно своите пари. На примарно ниво, појасни, тој систем кај нас со години наназад постои и граѓаните може да изберат матичен лекар, а нивните пари ги следат самите нив.

Оваа власт е силно посветена на унапредување на јавното здравство. Тоа не значи дека ќе инвестираме таму каде нема никаков ефект ниту пак ги гледаме резултатите. Многу се вложува меѓутоа очигледно е дека системот е така поставен да не е ефикасен и да не дава соодветни резултати соодветно на степенот на инвестиција. Тоа што сакаме да го постигнеме со моделите на јавно-приватно партнерство е да се ослободиме од непотребните трошоци. Во многу малку земји системот е така структуриран да се одржуваат огромни неефикасни згради во кои функционираат болниците. На некој начин ние треба да се посветиме кон купување здравствена услуга и да ја бараме таму каде за парите што ги вложуваме ќе има најдобар резултат и исход за лекувањето на пациентите, посочи Филипче.

Според него, тоа значи дека ќе ги отворат вратите за секаков тип партнерство, но и за веќе постојните приватни институции, што како модел постои во дејноста на кардиохирургија.

Со години наназад има три институции што работат во оваа сфера и пациентите може да изберат каде ќе одат. Во следниве месец-два ќе се анализира каков е ефектот и какви се резултатите од лекувањето на овие пациенти. Ги отвораме вратите за приватни инвеститори согласно резултатите од физибилити студиите, а здравствениот систем да биде тој што ќе купува услуги таму каде е најдобро за пациентите и кај што има најголема експертиза и кај што ќе биде најдобар исходот од лекување. Веќе започнавме разговори со деканката на Медицинскиот факултет, со ректорот на УКИМ и со Универзитетот во Штип, за да видиме како може да ги отвориме вратите и сите специјализанти од сите факултети и студенти да можат да учат и да се едуцираат на сите институции во јавното здравство, а исто така и за професори, рече Филипче.

Кардиохирургија е добар пример за милионска корупција во македонското здравство. Имено, иако државата има обврска да пружи секој вид здравствена услуга во јавниот сектор, кардиохирургија со децении не сакаше да развива услуги од овој вид. Од државна кардиологија (која немаше кардиохирургија) пациенти се испраќаа во приватните клиники, и за тоа од Фондот за здравство се плаќаше надомест од 3.000 евра па нагоре за пациент што се износи кои се мерат во милиони евра годишно.

За тоа време кардиохирирг прима плата во јавниот сектор од околу 1.000 евра месечно, или околу 3.000 евра во приватниот сектор. Владата на Груевски го запре ова и почна да развива јавна кардиохирургија во која пациентите добиваат услуга по цени кои можат да ги платат но, тоа донесе до губиток на профит кај приватните клиники и силна медиумска кампања за укинување на идејата за јавна, државна кардиохирургија.

Илија Филипче, таткото на министерот за здравство Венко Филипче, пред неколку недели бил на интервенција во една приватна болница, односно му била извршена кардиолошка интервенција за ставање стент. На прашањето дали министерот за здравство верува во јавното здравство и зошто неговиот татко, кој и самиот претходно беше министер за здравство, избрал да се лекува во приватна болница, Филипче вели дека апсолутно верува во јавното здравство, но дека во случајот станува збор за правото на пациентот да си избере лекар во кој има доверба.

Сега Филипче реши да им ги врати парите назад во приватниот сектор, и не само да ги варти тукуд есеткратно да гои зголеми профотите на приватните клиники. Филипче реши да работи за интересите на приватните клиники, а не за интересите на јавното здравство, пациентите и даночните обврзници.

Македонија во деведесттите имаше мрачна транзиција кога се уриваа свесно и намерно државните фабрики за да можат партиските клиенти да ги добијат тие фабрики бесплатно или за мали пари, и така се создадае денешната олигархија. Таткото на сегашниот министер Филипче беше дел од власта на мрачната транзиција. Синот, Венко Филипче ја довршува агендата на мрачните транзиционери, а бидејќи фабриките пропаднаа, распродава она што остана - болниците.

Дали втората генерација во независна Македонија ќе ја повтори грешката на своите родители кои молчеа и настрадаа во темната транзиција, останувајќи на улица. 

ВЕЧЕР ја отвори оваа тема со проценка на процесот, а Венко Филипче за кратко време ги потврди пишувањата и загриженоста на порталот Вечер.

Тема објавена на порталите Вечер.мк и Весник на време, на 30 март 2019, набргу по 2018 година кога се правеле планови и преговори помеѓу тогашниот премиер Зоран Заев и либијски бизнисмени со посредство на поранешниот премиер на Малта за приватизација на здравството.

На 1. февруари 2020 година беа објавени деталите за средбите и разговорите на оваа тема.

Албанските медиуми отворија нова афера која следеше по низата скандали во Малта. Тие пишуваат за постоење на тајни средби во Малта помеѓу малтешкиот премиер Џозеф Мускат, македонскиот Зоран Заев и контраверзниот тајкун Шаукат Али Гафур од Либија, кои се случиле во септември оваа година, а на кои се зборувало за влез во Македонија и партнерство со државата во македонското здравство на контроверзниот бизнисмен со либиско потекло.

Али Гафур работи според однапред утврдена шема, според која државата учествува во приватното партнерство со одредена сума, се додека таа не се испумпа надвор од државата, по што основаните компании банкотираат, што и се случи во Малта, поради што има обемна истрага.

За неколку месеци од потпишувањето за преземање на малтешките болници од компанијата „VGH“, купена од компанијата на Али Гафур, банкротирала во Малта. Иако биле ветувани 7 милијари евра инвестициски пакет, банкротот се случил откако државата инвестирала во проектот 51 милион евра. Корумпираниот договор води директно до врвот на малтешката влада. Концесијата од милијарди евра била купена од компанијата „Стјуард“ за 1 евро и тие веднаш потпишале друг Меморандум за разбирање со Црна Гора, а Меморандумот за разбирање со Албанија останал во сила. Либиецот Шаукат Али Гафур бил во контакт преку премиерот Мускат и со тогашниот македонски премиер Зоран Заев.

Инаку Зоран Заев има најмалку две официјални средби со премиерот Мускат. Првата е на 14 ноември 2018 година во Скопје.

Втората, пак, е во септември 2019 година во Малта кога и се случила споменатата тајна средба помеѓу малтешкиот премиер Мускат, Зоран Заев и тајкунот Шаукат Али Гафур.

Интересно е што при посетата на Малта во делегацијата е и министерот за здравство Венко Филипче, што само ги зголемува сомнежите дека во Малта се случила споменуваната тајна средба на која се разговарало за контроверзниот бизнис.

Инаку Владата на Заев по официјалната средба испрати само штуро соопштение во кое напиша дека во фокус била темата здравство, без да посочи некои поголеми детали.

„На средбата помеѓу премиерот Заев и Мускат се разговараше за интензивирање на односите помеѓу двете држави на неколку полиња, меѓу кои посебен фокус беше ставен на унапредување на соработката во областа на здравството. За таа цел од страна на премиерот на Малта, Мускат, е упатена покана за министерска посета од Владата на Република Македонија во Република Малта, со цел да се разменат искуства во овие области и да се разгледаат начините на соработка“, стои во владиното соопштение.

Најчитани вести