Ако сакате да родите близнаци, одете во Вевчани; ако сакате да сте далеку од градската врева, а да терате градски живот, повторно одете во Вевчани... Ако сакате да се усреќите, тогаш ова село во југозападниот дел од Македонија, во регионот на Дримкол, на падините на планината Јабланица, на надморска височина од 800 метри, е вистинската дестинација, оти таму врие од ергени.

Има над 200 стројни момци за женење. Ова е место за восхит по многу основи - рај за душата, место каде што можете да уживате, да се одморите, да ги впиете и да ги почувствувате скоро сите овоземски убавини кои природата несебично ги дарила. Како раката на убавината да го допрела ова место, особено делот над селото, каде што се изворите, чиј жубор е спокој за душата. Ја нема онаа типична слика за село, крави, кокошки, магариња, мирис од кочини... Низ Вевчани шетаат дотерани луѓе, има кафулиња, кафеани, бутици, огромни нови куќи...

Со еден збор, Вевчани е држава во држава. Ова место најпознато по василичарскиот карневал може да се пофали со грб, знаме, пасош, валута...

Штом ќе ја поминете портата на влезот во селото, сфаќате дека сте на место каде што се пулсира во еден поинаков ритам, а пред црквата Свети Никола" има мапа која покажува што се може да се види во оваа област и ќе ви ги покаже сите можности во зависност од вашите афинитети. Затоа, кој дошол во Вевчани со тешко срце си заминал и повторно се вратил, а оние што потекнуваат оттука велат: Сполај ти Господе што се родив вевчанец". Но, да одиме по ред.

Во атарот на селото, односно над селото се наоѓаат едни од најпознатите извори во Македонија, Вевчанските извори, кои се наоѓаат на надморска височина од 900 метри. Е токму таму се наоѓа изворот за кој се верува дека доколку се напиете од него, постои голема веројатност да родите близнаци. Така вели приказната за овој извор, кој има моќ на жените да им ги оствари соништата за потомство, и тоа двојно. Но, не е само овој извор. Главниот е сместен во отворот на пештера, а подолу се наоѓаат неколку постојани извори кои подземно комуницираат со главниот извор. За луѓето кои не се од Вевчани, а некогаш дошле да ги видат, нивната убавина е магнет кој долго ќе ги повикува назад да се напијат од бистрата вода и да уживаат во природата и жуборот на водата, која ја има во изобилство и која овде е култ.



Вевчани е единствената општина во Македонија која има своја сопствена банкнота и локален пасош, за кој вевчанци ќе речат дека без него не може да се влезе на нивна територија. Личникот (убав) е валутата во Независна Република Вевчани". Името го добила по заштитникот на селото, свети Спас, кого селаните уште го нарекуваат Личник. Овие банкноти може да се купат како сувенири, а на парата од пет апоени се наоѓа ликот на Михајло Пупин и тоа не е случајност. Овој голем научник и пронаоѓач има вевчански корени, а во негова чест има и место посветено на Пупин, а тоа е Пупина куќа.

Кој прв заминал да го печали и да го јаде печалбарскиот леб не се знае, но факт е дека со генерации вевчанци се гурбетџии. Затоа ги има насекаде во светот. Освен во регионов (Бугарија, Грција, Србија, Албанија), фаќале пат и за Америка, но и за Чиле, Аргентина.

Во потрага по егзистенција, генерации вевчанци се распрскале како искрички по огномет низ сите краишта на светот, а се почнало кога некои бегови од Косово ѕидале кули и им требале мајстори. Тоа дошло до ушите на осиромашените луѓе од Дримкол и тие тргнале да работат кај беговите. На почетокот правеле ќерпичи и го изучувале занаетот, а потоа се научиле и да ѕидаат и се појавиле тајфите ѕидари.

Домашните печалбарите ги испраќале до местото наречено Плачикруша, а разделбите со најблиските биле мачни. Во Вевчани владеел матријархатот затоа што додека машките глави од семејството печалеле по светот, жените биле столбот на куќата и оние кои се грижеле за децата. Обичајот бил оние младите кои прв пат одат во туѓина на разделбата од мајката да добијат за под пазувите крпче со земја, како сувенирче и потсетник за корените, односно каде и да одат, да не си ја заборават родната грутка.

Еден од најпознатите настани во Вевчани е карневалот. Се смета дека манифестацијата е стара повеќе од 1.400 години и е интересен спој меѓу паганското и современото. Тоа е дефиле на маски преку кои вевчанци се обидуваат да се ослободат од злото и од црните мисли. Се празнува на 13 и 14 јануари секоја година и е посветен на свети Василиј Велики. На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Инаку, тоа е пагански обичај кој тука се сочувал се до денешни дни. Учесниците во него се нарекуваат василичари.

Тоа се маскирани поединци и групи од сите возрасти организирани по маала, и тоа меѓу ривалските групи на Долна и Горна маала. Преку маските на специфичен начин ја покажат дарбата за хумор и сатира, а задолжителни маски на секој карневал се онаа на зет, невеста и глупавиот Август. Тие два дена во годината селото ечи од зурлите, тапаните, песните и игрите, шегите и довикувањата на василичарите. А кога се маските во прашање, ги кријат како змија нозе, не ги покажуваат се додека не ги облечат за на сред село, за дефилето. Затоа, за вевчанци на шега се вели дека полесно ќе ви откријат кој е швалер на нивната сопруга отколку каква маска подготвуваат.

На вевчанскиот карневал, кој е своевиден театар на отворено, не му се случило да ја одложи претставата. Таква година не се памети и во најтешките времиња за селото. Карневалот од година во година се повеќе и повеќе го предизвикува интересот на јавноста, како во земјата, така и во странство. Со години сите светски медиуми пишуваат за маските, василичарите и карневалот. И светот чул за селото под Јабланица кое е гнездо на непокор и место од кое никој не си заминал гладен и жеден, затоа што секоја куќа е отворена за секој добронамерник.

Во Вевчани е убајна да живееш. Важно е да имаш позитивна енергија и работни навики и тука се живее перфектно. Човек никогаш не треба да биде целосно задоволен. Секогаш може подобро, но за македонските услови е убедливо едно од најдобрите место за живеење.

Има 2.500 жители и околу 100 кои доаѓаат тука, а ги викаат викендаши. Има голема интимност и времето брзо минува. Овде скоро сите млади брачни двојки одат на трето дете. Со години се турка план Вевчани да биде атрактивна скијачка дестинација. Тоа е најголем и најамбициозен проект на општината и сон за секое место, со што за векови се решава економскиот проблем. Околу 30 милиони евра е инвестицијата, што значи жичарница, хотелски комплекси, пат, патеки на надморска височина на 2.100 метри, што е идеално и има снег шест месеци во годината.

Локалитетот каде што ќе го е планиран скијачки центар се наоѓа на местото викано Црн Камен. Тоа е врвот на планината Јабланица и е на 5-6 километри од Вевчани, а оттука ќе тргнува жичарницата. Тоа ќе биде второ Банско. Во Банско пред петнаесетина години шетале крави, но со инвестицијата е средено се, и сега е популарно регионално скијалиште. 

Најчитани вести