Во изминатиов период во Министерството за земјоделство предочив и воочив некои неправилости коишто се случувале, преупредив на лошите политики коишто ги води Министерството и за жал таа ситуација се отсликува на терен. Самите земјоделци наоѓаат на забелешки во делот на селективната исплата на субвенциите, погрешни мерки, едноставно нема сегмент каде што нема некакви забелешки од актуелната власт, односно од политиките коишто се имаат креирано во овој земјоделски сектор, рече дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, за време на посетата на битолскиот регион.

„Она што е важно во разговорите е дека подобрите времиња допрва доаѓаат за македонскиот земјоделец кои што со формирање на новата влада, македонскиот земјоделец ќе биде на врвот на приоритетите и сите оние мерки коишто ќе ги креираме и спроведуваме ќе бидат во интерес на подобро земјоделско производство, односно македонскиот земјоделец ќе биде оној којшто ќе почуствува дека од другата страна има партнер којшто ќе се грижи за неговата работа и за трудот да му биде правилно вреднуван“ истакна Трипуновски.

Трипуновски вети дека во наредниот период со сериозни мерки и политики ќе ја врати надежта во тутунопроизводството.

„Изминативе неколку дена апелирав дека има сериозни отстапки во тој дел, во делот на проценката на тутунот зато што според мене не е само да се откупи секој килограм, треба и проценката да биде реална затоа што тие земјоделци, тутунарите цела година работат и едноставно ова е моментот кога сакаат да си го валоризираат трудот. За жал тоа не е реалност се случуваат сериозни отстапки, меѓутоа исто така не знам од која причина, ниту министерот ниту инспекторатот не посветуваат сериозно внимание се со цел да го спроведат законот на терен. Во знак прашање е дали ќе се заврши целиот откуп и едноставно ќе биде цела количина откупена, затоа што имаме еден несериозен однос на министерот и инспекторатот, на директорот на инспекторатот и ги оставаат земјоделците и тутунарите сами да се справуваат со оваа тешка ситуација“ рече Трипуновски.

извор: Makfax

Најчитани вести