Заврши расправата во Собранието за предложениот Закон за Јавно обвинителство, но гласањето е одложено. Откако околу 21 часот заврши со дискусија и последниот пратеник пријавен за збор Трајко Вељаноски, претседателот на Собранието Талат Џафери го повика пратениците да влезат во салата за да се гласа. Но, бидејќи сите пратеници не беа во салата беше дадена пауза од еден час.

„Вчера по мене викавте дека не сум закажувал седница за Законот за Јавно обвинителство, а денес ве нема за да гласате. Пауза од еден час за координација кај мене со координаторите на пратеничките групи за да се одлучи кога ќе се гласа Законот“, рече Џафери.

Но, и по паузата од еден час во салата власта немаше двотретинско мнозинство, па Џафери кажа дека продолжуваат со наредната 136. седница, а за Законот за Јавно обвинителство дополнително ќе ги извести пратениците кога ќе се гласа.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараа да се гласа за Законот бидејќи во салата имало над 100 пратеници и СДСМ постојано барал да се тој да се изгласа.

Во собраниската расправа која траеше цел ден се зборуваше за сè и сешто, само не за одредбите од Законот. Пратениците на СДСМ се откажаа од збор за да не се губи време и законот да биде побрзо донесен и Собранието да се распушти за да се одржат предвремените парламентарни избори на 12 април.

Собранието  продолжи со работа со нова седница на која на дневен ред беше разрешувањето на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.

Најчитани вести